Ана Бунтеска: Гладни сме за човечност, некој да нѐ сослуша и да ни каже убав збор

Она што го пишував го ставав без идеја дека може да предизвика внимание. Едноставно, штом ќе објавев песна, престануваше да е моја и да ме мачи.

942

Судејќи според „лајковите“ на нејзината поезија пласирана преку социјалната мрежа Фејсбук, Македонците се изгледа сѐ повеќе „гладни“ за нежност, односно љубов, отколку за политика. И тоа не нѐ изненадува, особено кога муабетиме со Ана Бунтенска, моментно една од најпопуларните наши поетеси.

– Генерално, на светот му треба многу повеќе нежност и љубов, која сѐ повеќе станува нешто на што луѓето се сеќаваат како низ магла. Мене лично, никогаш не ме интересирала политиката, иако сум застанувала секогаш зад она во што верувам и не сум била слепа и глува за случувањата околу мене. Човек не смее да биде индиферентен кон политичките случувања, но да не дозволи истите да му бидат главна преокупација. Гладни сме за уметност, за убости. Гладни сме за човечност, некој да нѐ сослуша и да ни каже убав збор – вели поетесата Бунтеска во разговор со Плусинфо.

Јавноста првично те запозна како поетеса со објавување „постови“ поезија на социјалната мрежа Фејсбук. Како всушност сѐ тоа почна?

Чудна машинерија е Фејсбукот и неговото влијание врз целокупниот живот на човекот. Она што го пишував го ставав без идеја дека може да предизвика внимание. Едноставно, штом ќе објавев песна, престануваше да е моја и да ме мачи. Не очекував дека ќе предизвика лавина и дека луѓето ќе почнат да се препознаваат во напишаното, особено што имав една долга пауза во пишувањето и ми требаше време за да се опуштам. Немав потреба и желба сето тоа да се врами во книга.

Конечно следуваше објавување на две, една по друга, книги во издание на „Матица Македонска“. Како автор, која е разликата меѓу отпечатеното и врамено во корици и она „пуштеното“ во речиси бесконечниот Интернет простор? Како полесно се допира до читателот денес?

– Како автор ми е сеедно, бидејќи сите песни кои се во книгите, ги има на Фејсбук и се отворени за јавноста. Како читател сум старомодна и сакам печатени изданија. Ги обожувам уличните продавачи на книги и секогаш откривам по нешто ново. Изданија од 60-тите години, мирисот на стари книги, па вртењето страници. Магијата на читање книга ми е поголема, отколку да вртам по Интернет. Пред извесно време седев во кафуле со книга в рака, а на другата маса седна една повозрасна госпоѓа која, откако ѝ го донесоа кафето, си извади книга од чантата, си ги намести очилата, соучеснички ме погледна и се поздравивме со насмев. Во ера на технологија која се сведува на „лајк“, ја учам и ќерка ми дека има посебен шмек во читањето книги кои се во печатени изданија.

Во поново време соработуваш со тимот на „Просветно дело“ пишувајќи литература за деца. Што недостига во сферата на детската литература кај нас?

– Ме изненади соработката со „Просветно дело“, од аспект на тоа дека никогаш не претпоставував дека ќе пишувам раскази за деца. Веќе неколку месеци соработувам со нив и пишувам за „Развигор“ и мора да кажам дека е тоа една сосем нова сфера, во која уживам. Идеите ги добивам од секојдневието на ќерка ми и таа ми е најголемиот критичар. Впрочем, децата се толку искрени што веднаш препознаваат љубов и реагираат на неа. Пишувањето за деца е уште поголема одговорност, бидејќи ако од мали ги заинтересира книгата, тоа е врска која ќе трае сиот живот. Недостасуваат писатели за деца кои би биле во денешно време пандан на Оливера Николова, Ванчо Николески, Видое Подгорец и други писатели од оној ков, кој, кога јас бев мала ми создадоа еден свет во кој уживам и денес.

Мислиш ли дека поезијата е витештво во денешно време?

– За витештво во денешно време ја сметам чесноста во сѐ она што се создава и работи. Штом човек може да застане зад создаденото и да стои без срам и со сиот свој дигнитет, тоа е витештво. Витештво е да се живее од својот труд и пот, да се биде човечен, да се помогне. Среќа моја е што знам такви луѓе од кои учам и на кои им се восхитувам.

Може ли да се живее од поезија во Македонија?

– Не знам. Имам во животот направено компромис со себе. Завршив економски факултет и работам на Берза, за да не мислам како да преживеам и како да ѝ пружам на ќерка ми сѐ што треба за да расте нормално. Поезијата ми е љубов, фотографијата исто. Хонорарите кои ги добивам се за хедонизам, патување со семејството, подароци, за ситни задоволства кои остануваат како спомен дека, ете баш тоа ми е од хонорарот за книгата.

Учествуваше ли годинава на конкурсот за поддршка на дела од национален интерес на Министерството за култура? Како воопшто гледаш на тој конкурс?

– Никогаш не сум учествувала во било каков конкурс на Министерството за култура и не верувам дека некогаш ќе го сторам тоа.

За крај, можеш ли да нѐ почестиш со една твоја необјавена песна?

Бидејќи немам необјавени песни, сите се или во книгите, или на Фејсбук, ќе должам една, а за крај ќе одберам една која ми е мене посебно драга.

Купуваш скапа облека

Со етикета на која стои име

Кое најчесто не знаеш да го изговориш

Или кое ништо не ти значи

Купуваш скап часовник

Кој го мери времето кое ти преостанува

И кој никогаш нема да ти попушти

За да поживееш уште некој ден повеќе

Купуваш скапи салонки

Кои ги облекуваш за низ дома

Вежбајќи го одот дур не ти капнат нозете

Со надеж дека ќе ти го донесат принцот

Купуваш сѐ и сешто

Најмногу она што не ти треба

Со надмено движење на раката

Кога ја подаваш кредитната картичка

Со ладен лик и со надеж

Дека не ти се гледа јанѕата

Ако ти кажат оти картичката ти е одбиена

Купуваш лажни пријателства

Мир кој е најмалку тоа

Почит за која знаеш дека трае

Дур не го завртиш грбот

Си го лажеш умот оти сѐ на светов цена има

И сѐ што на светов постои може да се купи

Дека е доволно паричникот да ти е полн

И дека тој ќе ја пополни празнината во тебе

Пиеш коктели кои ти се блуткави

Од кои после желудникот во тоалетот си го вадиш

Пушиш странски и скапи цигари

Иако три колена наназад сите од канцер ти умреле

Возиш бесен автомобил

Во кој никогаш немаш со свој чоек седено

Да се кикотите дур стомаците не ве заболат

И да се исплачите за сите болки

Живееш лажен живот

Со гламур кој е тажен

И од кој ти е мачно сам од себе

И се тешиш

Така поубаво ти е кога си велиш

Оти сѐ на овој свет со пари се купува

Иако знаеш дека насмевката нема цена

И дека сјајот во очи не се глуми

Дека најскапоцена е воздишката

Која не доаѓа од устата туку од душата

Дека трепетот на нечие тело кое го љубиш

Не може да се купи со ништо

И дека си голтар

Дека најсиромав на светов си

Ако љубов во себе и околу себе немаш

Дека ќе си умреш ко питач

Ако некој до тебе тогаш не седи

И раката силно во својата да ти ја држи

Нежно стихови љубовни да ти шепоти

Голтар си

Голтар си ако барем два-тројца до себе немаш

Кои ко ќе згрешиш ќе ти се развикаат

И кои нема за ништо да те поштедат

Од љубов

Од љубовта кон тебе што ја имаат

И со која сакаат да те сочуваат

Голтар си

И голтар ќе останеш ако не разбериш

Оти искрен чоек со пари не се купува

Ниту срце на жена така се освојува

Ниту душата на мажот по тебе ќе лудува

Оти има на светов работи кои бесценети се

Кои со ништо не се купуваат

Освен со питомо срце

И отворени дланки

На светов сон на праведник не можеш да купиш

Ниту љубов која живот дава

Ниту смрт која утеха ќе биде

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...