Непалските власти планираат да ги заострат правилата за лицата кои се качуваат на врвот Монт Еверест поради високата смртност меѓу алпинистите во последната сезона, јави „Хималајан Тајмс“.
Врвот Монт Еверест се наоѓа на Хималаите и е највисокиот врв на Земјата. Неговата височина изнесува 8.848 метри. Според официјални податоци, од почетокот на годинашната алпинистичка сезона во обиди за освојување на врвот загинало 21 лице.
Експертска комисија денеска на непалскиот министер за култура, туризам и цивилна авијација му достави извештај, со кој на владата и се препорачува заострување на правилата за безбедност во планинскиот туризам. Во него се забележува дека една од главните препораки е утврдување на политиката – еден алпинист – еден врв – една сезона.
Според извештајот на комисијата, освојувачите на Монт Еверест и на други планински врвови над 8. 000 метри треба да бидат обучени за искачување големи височини. Според новите правила се претпоставува дека одобренија за искачување на Монт Еверест ќе им се издаваат само на оние кои во Непал освоиле врв не помал од 6. 500 метри.
„Алпинистите треба да имаат знаење, искуство и обученост во искачувањето. Алпинистите треба да достават соодветни документи до Министерството за туризам, пред да добијат одобрение за искачување на планината”, се наведува во извештајот на експертската комисија.
Освен тоа, доколку овие правила бидат одобрени, алпинистите во иднина на властите ќе треба да им достават и сертификат за својата здравствена состојба и својата физичка подготвеност. Само граѓани на Непал можат да бидат нивни водачи. Експедициските компании треба да располагаат со квалификувани спасувачки екипи и лекар со познавања на планинскиот туризам.
Министерот за туризам Јогеш Бахтараи изјави дека министерството ќе ги прифати препораките на комисијата. Според него, врз основа на извештајот ќе бидат променети соодветните законски акти и правила во областа на планинскиот туризам.