Британската армија пред 50 години влезе во Северна Ирска, по неколкудневните немири во католичкиот дел на покраината, што потоа се проширија во Белфаст и на други места.
Првично планираната како привремена интервенција за враќање на редот, Операцијата Банер траеше 38 години и беше најдолга континуирана британска воена кампања.
Гневот на католиците поради дискриминација при гласање, домување и при вработување ескалираше во немири во октомври 1968 година во Дери, единствениот со мнозинство католички град во Северна Ирска.
Насилството еруптираше повторно на 12 август 1969 година, кога католиците со камења протестираа на годишниот протестантски марш во близина на нивното гето Богсајд во тој град.
Жестоки судири меѓу полицијата, поддржани од милитантни протестанти и претежно млади католици, траеја три дена.
Немирите се раширија и во Белфаст, каде на 15 август паднаа првите жртви.
На 14 август, Владата на Северна Ирска побара помош од британскиот премиер Харолд Вилсон. Уште попладнето, британски војници влегоа во Дери.
„Шест оклопни возила пристигнаа на плоштадот Ватерло во Дери каде насилството избувна повторно од 16 часот“, јавија медиумите.
До крајот на денот, во градот имало 300 британски војници кои го опколиле Богсајд и подигнале бодликава жица за да ги спречат католичките демонстранти да влезат во протестантските населби.
Во следните денови, стотици други британски трупи беа испратени во Северна Ирска и нивниот број подоцна се зголеми на речиси 30.000.
Една година подоцна, прокатоличката Ирска републиканска армија (ИРА) извршува напади врз „силите на круната“.
ИРА го уби првиот британски војник во февруари 1971 година, и до крајот на операциите загинаа повеќе од 760 луѓе.
Протестантските паравоени сили реагираа со иста мерка и тридецениски конфликт создадоа јаз меѓу двете заедници. Британската војска секојдневно била критикувана и обвинета за прекумерна употреба на насилство.
Најлошиот таков инцидент се случи во неделата, 30 јануари 1972 година кога војниците пукаа на мирен католички марш во Дери и убија 14 луѓе. Три дена подоцна, британската амбасада во Даблин беше запалена.
Лондон ја суспендираше Провинциската влада на Северна Ирска во март 1972 година и воведе директна управа.
Во 2010 година, Велика Британија официјално се извини за масакрот, познат како Крвава недела (Bloody Sunday).
Овој настан ја засили ИРА, која ја прошири својата смртоносна терористичка операција и до британскиот остров.
На 27 август 1979 година, ИРА го уби и лордот Луис Монтбатен, роднина на кралицата Елизабета Втора.
Годините со обиди да се постигне мир конечно резултираа со Договор на Велики петок на 10 април 1998 година, со прекинување на конфликтите во кои загинаа повеќе од 3,5 илјади луѓе.
Договорот доведе до полуавтономија на Северна Ирска и поделба на власта меѓу протестантите и католиците.
Во 2005 година, ИРА се разоружа и Британците почнаа да го намалуваат военото присуство. Тие официјално, молчешкум, ја завршија својата мисија пред полноќ на 31 јули 2007 година.