Во јули, за да ги задоволи основните животни потреби на едно семејство му биле потребни 531 евро – сума во која се вклучени трошоците за храна, за сметки, за превоз, за здравје. Новите податоци за Минималната синдикална кошница што ги објавува Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат минимален раст на трошоците во однос на лани, истиот месец , пренесува неделната економска анализа на Portalb.mk. Во јули годинава во споредба со јули 2017 година трошоците на живот, според државната статистика се зголемени за 0,8%. Просечната нето плата на ниво на државата, според официјалната статистика е во пораст, но и натаму не е доволна за да се подмират основните животни потреби.
Трошоците за храна и за сметки го тенчат семејниот буџет …
Трошоците за исхрана, пијалаци, за превоз, здравје, за домување, за сметки за комуналии се пораст во последните години, но стагнација е забележана од почетокот на годинава. Вкупно 32 710 денари ( 531,8 евра) биле потребни да се помират основните обврски и потреби во јули. И натаму, најголем дел од семејниот буџет се троши за храна и за сметки, кои заедно имаат удел од 73,45% во потрошувачката кошница. Еве колку пари и за што се трошат месечно според методолошкото мерење на ССМ:
Исхрана и пијалаци 13 574 денари
Домување 10 409 денари
Хигиена 2 306 денари
Превоз 2 408денари
Облека и обувки 2 177 денари
Култура 1 070 денари
Одржување на здравје 706 денари
Вкупно : 32 710 денари
Ова покажува дека од вкупните трошоци, 23 983 или 390 евра се наменети само за исхрана и за сметки.
Просечна плата од 410 евра – статистика бележи раст …
Иако официјалната државна статистика изминатите месеци регистрира раст на висината на просечната плата во државата, сепак таа сума и натаму не е доволна за да се подмират основните животни трошоци на месечно ниво. Според последните објавени информации, во земјава просечната нето исплатена плата изнесувала 25 270 денари или 411 евра, што значи дека во едно семјество со само еден вработен кој месечно го заработува републичкиот просек на плата, ќе недостасуваат уште 120 евра.
Според државниот Завод за статистика во мај во споредба со април годинава реалната нето плата е зголемена за 1,5% додека во мај годинава во споредба со истиот месец во 2018 година, кај реалната нето исплатена просечна плата е регистриран раст за 1,7%.
Висина на плати според дејности(мај 2019 година) :
Информации и комуникации 43 431 денари
Финансиски дејности и осигурување 47 385 денари
Рударство, вадење камен 35 034 денари
Јавна управа, одбрана, соц.осигурување 29 052 денари
Здравствена и социјална заштита 29 122 денари
Транспорт и складирање 25 428 денари
Преработувачка индустрија 20 926 денари
Плати пониски од 20 000 денари се исплаќаат во секторите: земјоделство, шумарство, сервисни дејности со храна, објекти за сместување, административни и помошни дејности .
Цени – инфлација …
Раст на просечната плата во пакет со раст на трошоците за живот – според статистиката во јули во однос на јуни трошоците за зголемени за 0,2% додека кај цените на мало е регистриран раст од 1,1%. Позначаен пораст на трошоците од 25,4% е забележан кај авионскиот превоз.
“Пораст на индексот на трошоците на животот во јули 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај овошјето за 4.8 %, маслото и маснотиите за 2.1 %, лебот и житата за 1.7 %, другите млечни производи за 0.6%, кај месото, риба, шеќерот, чоколадата и кондиторските и другите прехранбени производи за 0.2 %. Во јули 2019 година, пораст на индексите на трошоците на животот исто така е забележан и кај авионскиот превоз на патници за 25.4 %, информатичката опрема за 7.8 %, туристичките пакет-аранжмани за 4.7 %, услугите за сместување за 2.0 %, автомобилите за 1.5 %, велосипедите за 1.3 %, другите медицински производи за 0.7 %, лековите за 0.5 %, малите електрични апарати за домаќинствата за 0.4 %, цврстите горива за домаќинствата за 0.3%“ – велат од Заводот за статистика.
На пресекот од првото економско полугодие инфлацијата се задржа на ниво од 1,2% а според проекциите годинава стапката на инфлација ќе биде 1,6% додека во следните две години се очекува умерен раст до ниво на просечна инфлација од 1,8%.