Хрватскиот Сабор, синоќа, околу полноќ, ја заврши деветчасовната расправа за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување на насилството над жените и насилството во семејството.
За т.н. Истанбулска конвенција, Саборот ќе гласа на 13 април. Меѓутоа, таа конвенција предизвика длабока подлеба во јавноста, но и меѓу политичарите. Владата на Андреја Пленковиќ сега ја има поддршката на само 77 пратеници, откако вчера ја напушти десно-ориентираната партија Хрватски раст (ХРАСТ).
Излегувањето на ХРАСТ од коалицијата го соопшти единствениот нејзин пратеникот Хрвоје Зекановиќ, кој изјави дека ратификацијата на Истанбулската конвенција е нешто преку кое партијата не може да помине.
Поборниците на ратификацијата на Конвенцијата во Саборот предупредија на потребата од носење таков документ поради поефиканска заштита на жените од насилство и насилство во семејството, а противниците оценуваат дека со неа во хрватското законодавство и образовниот систем се воведува родова идеологија.
Хрватската новинска агенција Хина јави дека се очекува „Истанбулската конвенција“ да биде ратификувана, иако меѓу 10 и 15 пратеници од владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) најавија дека ќе гласаат против. Хрватските медиуми јавуваат дека поделба има и во другите пратенички групи. Од Мост најавија дека секој ќе гласа според сопствената совест, додека опозициските пратенички групи најавија поддршка на ратификацијата.
На ратификацијата се противат конзервативните кругови и Католичката црква во Хрватска со образложение дека се воведува „родова идеологија“.
Хрватскиот премиер и претседател на ХДЗ на почетокот на вчерашната расправа во Саборот изјави дека од одговорност кон жртвите неопходно е да се зајакнат механизмите за спречување на насилството над жените и семејното насилство. Од тие причини, тој истакна дека цврсто стои зад Конвенцијата. Воедно тој ги отфрли критиките за воведување родова идеологија.
Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство од 11 мај 2011 година, позната како Истанбулска конвенција, претставува најзначаен меѓународен документ за борбата со семејното насилство.
Во Конвенцијата државите-потписнички, меѓу кои и Македонија, поставуваат цели за ефективна борба против насилството врз жените и домашното насилство, а она што е особено значајно е што во Конвенцијата насилството врз жените се дефинира како кршење на човековите права, додека, пак, домашното насилство ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко, односно економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството.