Постојат сериозни сомнежи дека кај добитокот во делови од земјава се појавила заразната болест антракс, зоонозна болест која многу лесно може да се пренесе од животно на човек, соопшти на прес конференција ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата тврдат дека две недели се молчи дека примерок на угината овца е донесен за испитување на ветеринарниот факултет каде е детектирана болеста антракс, а 30-ина вработени на Факултетот за ветеринарна медицина ја посетиле инфективната клиника во Скопје и се моментално под терапија.
Од партијата прашуваат дали истите се заразиле од опасната болест и дали е спречено нејзиното ширење, доколку ја има?
– Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов и министерот Трајан Димковски мора да одговорат дали се преземени сите законски мерки за спречување на ширењето на оваа заразна болест и дали жителите од заразеното подрачје се посетени од страна на стручни лица од центарот за јавно здравство за да се заштитат луѓето, или се чека болеста да земе замав и да има последици по животите на граѓаните – велат од ВМРО-ДПМНЕ.