Турските актери, кои синоќа ја изведоа театарската претстава „Буре Барут“, уживаа во посетата на манастирскиот комплекс Свети Наум Охридски. Со туристичкиот водич на Охридско лето го посетија манастирот и изворите на реката Црн Дрим.
Беа воодушевени од богата историја, но и спојот на духовното, природното и културното богатство на едно свето место.
– Првпат сум овде. Навистина прекрасно место. Многу убавина, но се чувствува и многу позтивна енергија. Воодушевена сум од Охридското езеро , големо и убаво како море – рече актерката Башак Гумулџинелиоглу.
Актерите беа воодушевени, запознавајќи се со легендарните приказни за моќта и чудата на големиот светител Свети Наум Чудотворец, пред чиј гроб клечат и христијани и муслимани.
– Многу ни се допадна Охрид. Градот, историјата, културата, но и гостопримството на љубезните домаќини. Би сакале повторно да дојдеме тука – рече режисерот Шахинлер.
Голем дел од уметниците на фестивалот „Охридско лето“, годинава за прв пат имаа можност да прошетаат со туристички водич низ Охрид и манастирскиот комплекс Свети Наум Охридски. Целта е светски познатите музичари и актери да се запознаат со културата, историјата и традицијата на Охрид и со себе да понесат незаборавни спомени.