Велика Британија не може да има дури ниту соодветна уставна криза

272

Борис Џонсон, новиот премиер на Велика Британија, наследи невиден уставен хаос од неговата претходничка Тереза Меј.

Меј беше принудена да поднесе оставка, откако законодавците на Велика Британија трипати одбија да го ратификуваат договорот за Брегзит, постигнат со Европската унија, а исто така не успеаја да се договорат за каков било алтернативен исход.

Значи, Велика Британија сега има нов премиер, но нема нов парламент. Нема да пројде долго кога Џонсон ќе мора да се соочи со оваа реалност.

На прв поглед, планот за Брегзит на Џонсон е поедноставен од оној на Меј: да се добие нов договор со ЕУ или да се излезе од ЕУ на 31 октомври без договор. Со оглед на тоа што ЕУ во неколку наврати кажа дека договорот на Меј, официјално познат како Договор за повлекување, не е отворен за преговори, се чини дека на маса е – без договор.

Проблемот за Џонсон е дека беше меѓу оние што ги отфрлија алтернативите на Брегзит, и како што може да се претпостави, се залагаше за „без договор“. На хартија, тоа ја става Велика Британија во она што обично се нарекува уставна криза.

Велика Британија е различна од повеќето западни нации по тоа што нема пишан устав. Наместо тоа, таа се потпира на уставни преседани и конвенции утврдени со закон или претходни акти на парламентот.

Но, Брегзит исфрли на површина толку многу политички абнормалности што без преседан или пишан устав, политичката класа почна да се обидува да го надополни во од.

– Проблемот е што во однос на уставот се случуваат бројни работи, а голем дел од нив се во нови, комплетно неиспитани област“ – вели Кетрин Хадон, од Институтот за влада. – И додека одредени работи се преточени во закон за тоа „што“ и „кога“ се случува нешто, сепак делот со „како“ всушност се случува, е непроверена територија, појаснува таа.

Оваа уставна двосмисленост доведе до голем јаз за тоа што треба да се случи следно. Кога парламентот ќе се врати од летниот одмор на 3 септември, Џонсон може да се соочи со иницијатива за недоверба за неговата влада. Тоа е гласање на кое Џонсон и неговиот тим не можат да очекуваат да победат. Тој во моментов има парламентарно мнозинство од само еден пратеник. И некои од неговите конзервативни пратеници имплицираа дека блокирањето на „напуштање на ЕУ без договор“ ќе го стават пред лојалноста кон партијата.

Сепак, губењето на ова гласање не значи дека Џонсон ќе биде запрен. Ниту, пак, тоа би значело дека автоматски се избегнува „без договор“.

По губењето доверба, актуелната влада, според закон има 14 дена да се обиде да ја врати довербата на Долниот дом и да продолжи со управувањето. Ако не успее да го стори тоа, тогаш се распишуваат предвремени општи избори. До резултатот од тие избори, привремената влада (веројатно актуелната влада) ја води земјата.

Проблемот со сето горенаведено е дека законот на кој се потпираат, Актот за фиксни термини за парламентите (ФТПА), стапи во сила во 2011 година, што значи дека нема преседан кој би се употребил за да се отфрли Владата. – Додека (ФТПА) ни кажува за постапка со која може да се одржат предвремени избори, тоа не помага со најважниот аспект – како кога треба да оди владата и како да ја замените, вели Ендру Блик од британското Уставно здружение.

Самиот закон не прецизира точно кога треба да се одржат овие избори. Ова значи дека, и покрај губењето на гласањето за доверба, Џонсон би можел ефикасно да седи во Даунинг стрит со недели, ако не и месеци. Дури и во нормални околности, привремената влада би била далеку од идеална за нација навикната на влади со јасни парламентарни мнозинства. Но, со приближувањето на рокот за Брегзит, Велика Британија се соочува со есенска криза.

Следниот самит на Советот на ЕУ се одржува на 17 октомври – две недели пред денот на Брегзит. Во моментов тоа е единствената шанса на Велика Британија да го одложи Брегзит и да избегне „без договор“. Ќе зависи од кој и да ја предводи владата во тој момент да ја претставува Велика Британија. Ако таа личност е Џонсон, би било само подарок да побара продолжување. Доколку тој не се одлучи да побара пролонгирање, тогаш договорот на Меј останува нератификуван во Лондон и Брисел, што значи дека времето изминало и сè е готово.

Не се согласуваат сите дека ова е единствениот исход. Доминик Грив, поранешен јавен обвинител на Велика Британија, смета дека, со оглед на кризата без преседан, пратениците треба да се обидат да формираат меѓупартиска привремена влада на национално единство за време на 14-дневниот период откако Џонсон ќе го изгуби гласањето за доверба.

Оваа привремена влада би можела да побара од ЕУ пролонгирање на Брегзит, најверојатно преку писмо, со што даде време на Велика Британија да организира избори и да ја доведе својата куќа во ред. За жал за Грив, ова исто така е целосно без преседан и се потпира на уставните норми смислени на лице место. За цело време, ќе биде совршено легално за Џонсон да остане на власт и да работи на тоа да измине времето за Брегзит.

Дури и ако Џонсон избере да не прави ништо, некои законодавци веруваат дека можат да го принудат да го одложи Брегзит. Во последниве денови, оние што спротиставуваат на опцијата „без договор“, посочија на нешто што се вика Кабинетски прирачник, кој ја советува привремената влада за тоа што треба и што не треба да прави.

Она што е пресудно е дека привремената влада ја нема довербата на Долниот дом. Затоа, како што истакна Хадон, единствен начин на кој може да се толкува е дека привремената влада би била „ограничена во она што можат да го сторат и треба да дејствува во национален интерес, заедно со опозициските партии“.
Сепак, и ова е само насока. И како што неодамна рече претседавачот на Конзервативната партија на Џонсон, секоја влада предводена од Џонсон „нема да иницира генерални избори“ пред 31 октомври. Значи, „без договор“ е повторно на маса.

Без пишан устав и без преседан за лидерство, сето тоа станува политичко бојно поле. Во последните неколку недели изнесени се секакви, па и луди предлози. Некои дури и посочија дека кралицата, конвенционално аполитички шеф на државата на Велика Британија, би можела да се вклучи.
Колку и да е смешно ова, Блик вели дека „единствената цврста правна позиција во сето ова е што, во теорија, кралицата назначува и може да разрешува премиер“.

И, како што истакнува Блик, „бидејќи напредуваат ваквите остри разлики во интерпретациите, би можело да им биде потешко на политичарите да го решат ова меѓу себе … Сигурен сум дека Бакингамската палатата е загрижена од сето ова“.

Од сквотирање на премиерите до пишувањето писма до ЕУ и кралицата која го отпушта Борис Џонсон, Брегзит изгледа прилично надреално. Како и да е, со апсолутно ништо што би ги водело политичарите на Велика Британија до надминување на овој хаос, тешко е да се верува дека  скараните пратеници ќе стават крај на овој кошмар во скоро време.

А, само пред три години напуштањето на ЕУ без договор се чинеше нешто далечно и неверојатно, само будала би исклучила нешто во овој момент.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...