Министерството за економија во врска со наводите од страна на ресорното Министерство на Република Косово за трговски бариери кои ги спроведува државава при увозот на риби и рибини продукти од таа држава соопшти дека согласно Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) и ЕУ регулативата не е дозволен таков увоз, но оти се бара решение.
– Согласно обврските кои се реализираат во ЦЕФТА каде двете земји се членки, а особено согласно најновите активности во Република Северна Македонија за реализација на Дополнителниот протокол 5 за олеснување на трговијата, сите релевантни учесници во реализирањето на активностите за олеснување на трговијата, вклучувајки ги Министерството за економија и Агенцијата за храна и ветеринарство, активно се вклучени во спроведување на мерките на трговската политика утврдена согласно на важечките договори, спогодби и подзаконски акти усогласени со европските стандарди и нормативи. При тоа сакаме да напоменеме дека во спроведувањето на законската регулатива се спроведува еднаков и недискриминаторски принцип кон сите земји со кои Република Северна Македонија врши трговска размена, стои во соопштението.
Во врска со наведеното од страна на Република Косово дека со новите подзаконски акти од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство од јуни 2019 година се оневозможува увозот на риби и икра од Република Косово, во дописот се посочува дека е тоа согласно правилата на ЦЕФТА и европската регулатива.
„Постапувајќи согласно на правилата на ЦЕФТА, Република Северна Македонија уште во месец јуни на редовните состаноци на ЦЕФТА, како и со соопштение на Агенцијата за храна и ветеринарство, ја извести косовската страна дека новите законски прописи се донесени согласно на Европската регулатива. Агенцијата е лиценцирано тело согласно на европските стандарди и истите ги применува неселективно при увозот на производи во РСМ. Наведената регулатива е усогласена со регулативата на Европската комисија бр.206/2010 од 12 март 2010. Ова е согласно и со Спогодбата за санитарни и фитосанитарни мерки на СТО каде земјата е членка од 2003 година. Согласно оваа регулатива, Косово не е наведено за дозволен увоз на аквакултура и соодветно на тоа ова е транспонирано и во нашата легислатива. Неприменување на овие прописи би довело до негативни ефекти врз статустот на земјата во однос на пристапните преговори“, се додава во соопштението.
Сепак, се посочува понатаму, Република Северна Македонија ќе излезе во пресрет на барањето на Република Косово за изнаоѓање на решение сé во интерес на долгогодишната одлична меѓусоседска трговка соработка.