Сојузот на комори е против субвенции за половни возила

Од ССК сметаат дека во светот имало вакви практики, но само за возила што не ја загадуваат или минимално ја загадуваат животната средина.

291

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) го поздравува донесувањето на новиот Закон за возила со кој се предвидуваат субвенции за набавка на возила со повисоки еколошки стандарди, но не гледа потреба од субвенционирање на набавката на половни возила.

– Оваа мерка има два аспекта – социјален и еколошки. Веруваме дека треба да бидат запазени двата истовремено, но не ја гледаме потребата во делот за субвенционирање на половни возила. Сепак, сметаме дека треба да се задржи социјалниот аспект, но истовремено да се поткрепи со еколошкиот, односно да им се овозможи на граѓаните со субвенционирање и со обезбедување бескаматни кредити да можат да си дозволат да ги заменат старите возила со нови што нема да имаат импакт врз животната средина – рече претседателката на ССК Данела Арсовска.

Таа нагласи дека во светот имало вакви практики, но само за возила што не ја загадуваат или минимално ја загадуваат животната средина.

– Досега не сме имале пракса за субвенционирање половни возила, ниту во Европската Унија, ниту, пак,во поблиската околина и не знам дали можеби Министерството за економија има информации и конкретни примери каде е применето или спроведено такво нешто. Сепак, бидејќи мерката важи и за нови возила веруваме дека е добра, но сметаме дека нејзините крајни ефекти треба да ги опфатат светските практики за намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата. Тоа се постигнува само со мерки што се добро осмислени и долгорочни со кои возилата што загадуваат се исфрлаат надвор од сообраќајот – потенцира Арсовска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...