Продолжува позитивниот тренд во работењето на Македонски Телеком и во првите шест месеци од 2019 година. Компанијата во првото полугодие оствари одлични резултати во своето работење: зголемена е профитабилноста, има пораст на бројот на корисниците на широкопојасен интернет, на IPTV и мобилни услуги, a расте и бројот на домаќинствата кои имаат пристап до оптичката мрежа на Телеком.
Приходите од продажба се зголемени за 2,5 отсто и изнесуваат 5.143 милиони денари. Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) на крајот од првите шест месеци од 2019 година е зголемена за 3,8 отсто во споредба со претходната година, додека нето добивката бележи раст од 8,3 отсто.
Пораст на корисниците на широкопојасниот интернет, на IPTV и мобилните услуги, се шири оптичката мрежа до повеќе домаќинства
На крајот од првите шест месеци од 2019 година има зголемување на корисниците на широкопојасен интернет за 3,2 отсто, а вкупниот број изнесува 197 илјади корисници.
Македонски Телеком во континуитет остварува одлични резултати и во IPTV сегментот. Продолжува трендот на пораст на IPTV корисници (вклучувајќи Magenta 1, Интернет&ТВ и други ТВ услуги) за 8,3 отсто, што на крајот од првите шест месеци од 2019 година резултира со база од 132 илјади корисници.
Оптичката мрежа постојано се шири како резултат на посветеноста на компанијата да ја обезбеди најнапредната технологија достапна насекаде низ државата. Како резултат на континуираните инвестиции во инфраструктурата, Македонски Телеком овозможи зголемување од 9,7 отсто на домаќинствата покриени со оптика споредено со истиот период изминатата година. На крајот од првите шест месеци од 2019 година, инвестициите придонесоа дури една третина од домаќинствата во Македонија да имаат пристап до оптичката мрежа на Македонски Телеком.
Зголемен уделот и на претплатниците во мобилната мрежа, пораст на приходите од мобилни неговорни услуги
Во првите шест месеци од 2019 година, бројот на претплатниците на мобилна телефонија на Македонски Телеком е зголемен за 2,2 отсто во однос на истиот период од претходната година и изнесува 1,2 милиони корисници. Приходите од мобилни неговорни услуги на крајот од првите шест месеци од 2019 година се зголемени за 12,2 отсто во споредба со претходната година, кои доаѓаат од зголемените приходи од мобилен интернет и поголем GPRS сообраќај како резултат на сѐ поголемото користење на тарифи со мобилен интернет од страна на корисниците.
– И во второто тромесечје од 2019 година продолжуваме со остварување одлични резултати во сите сегменти од нашето работење. Континуирано ја зголемуваме нашата претплатничка база во мобилниот сегмент, а благодарение на квалитетот и атрактивната понуда на ТВ содржини успеавме да ја освоиме лидерската позиција и во овој сегмент на пазарот. Нашите капитални инвестиции во првите шест месеци од оваа година го достигнаа нивото над 767 милиони денари, главно насочени во развој на широкопојасни фиксни и мобилни мрежи од најновата генерација. Покрај тоа, Македонски Телеком посветено работи на развојот на високо софистицирани технолошки решенија за паметни градови, системска интеграција и cloud услуги. Веруваме дека трендот на дигитализацијата на општеството во наредниот период ќе се засили и во тој процес Македонски Телеком е извонредно стратешки и технолошки позициониран да одговори на идните предизвици – изјави Никола Љушев, главен извршен директор на Македонски Телеком.