И лут сум што таа ме амнестира од евентуалната вина за бегството на Никола Груевски, на тој начин што “позитивно” ме дискриминира, па вели дека обвинувањата на нејзина сметка се исто како кога таа на новинарите би им кажала: “Пријателот на пријателот на еден ваш колега денеска е избеган во Будимпешта, дали тоа значи дека вашиот колега е виновен за неговото бегство?”
Но, Шеќеринска евидентно не би го кажала тоа што го кажала, бидејќи, како што вели самата, “никој разумен тоа не би можел да го каже”. Оди разбери ја…
Некои портали и ботови на социјалните мрежи веднаш дешифрираа дека Шеќеринска мисли на мене и дека вака возвраќа на моите наводи дека ликови од опкружувањето на осомничениот Бојан Јовановски биле во пријателски релации со неа. Како јас со поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски. А бидејќи јас не сум и никогаш не сум бил доволно “разумен” да се бранам на начин како што се брани Шеќеринска, веднаш ќе ги расчистам работите.
Да, јас сум пријател со Владимир Пешевски. Немам селфи фотки со него, не сум примал чевли “лобутин”, цвикери, парфеми и слични скапи подароци (ни еден блинкер ми нема подарено Владо, срам да му е!), но Пешевски четири години ми беше директор во “Дневник”, соработувавме, учевме еден од друг, пријателувавме. И денес сме пријатели, иако, за жал, многу одамна се немаме видено. Секој со своите грижи и обврски. Но, јас стари пријателства не растурам лесно. Ми значи многу личната лојалност кон пријателите и немам добро мислење за оние луѓе што ја немаат.
Кога јас би бил премиер, министер за внатрешни работи или министер за одбрана, а не новинар, би се сметал за директно одговорен за бегството на Никола Груевски. Дополнително, мојата вина објективно би била поголема, бидејќи мој пријател е Пешевски, пријателот на Груевски. Е сега, друго прашање е колку Пешевски и Груевски биле пријатели. Но, моја должност би била да го предупредам мојот пријател дека од мојата позиција на одговорна личност во владата, имам обврска да ги искористам сите законски овластувања да помогнам да се спречи намерата на осуденикот Груевски да се даде во бегство или да направи било каква друга глупост. И секако би го замолил Пешевски таа порака да ја проследи до Груевски.
Тоа не го разбира Шеќеринска. Нејзина обврска, како одговорен член на владата, била да им каже на своите пријатели и познаници од Меѓународен сојуз, а и на самиот Боки 13-ка, дека таа не одобрува сомнителни и нелегални активности од било каков вид. Таа била должна да ги предупреди дека поради таквите активности можат да дојдат во судир со законот, при што таа, како важна министерка и втор човек во партијата, мора да застане и ќе застане на страната на законот. Тоа Шеќеринска требало одамна да го стори. А не сега да се оправдува и да декларира приврзаност кон правдата.
Јас, за среќа, не сум премиер, министер или висок партиски функционер. Не сум имал никаква обврска специјално да го барам Пешевски и да му испраќам пораки на Груевски.
Но, за волја на вистината, чувствувам и јас вина за бегството во Будимпешта. Како новинар. Можеби можев да претпоставам дека Груевски има намера да избега. Можеби можев да му се јавам на министерот Оливер Спасовски и да ги споделам моите сомневања. Сум можел да им се јавам и на Шеќеринска и на Заев, тогаш немаше посебни безбедносни протоколи, а бидејќи јас шушкам на шест букви, тие ќе беа сигурни дека разговараат со мене, а не со руски пранкери. Конечно, можев и јавно да ги споделам моите сомневања. За жал, не посветив должно внимание на таа опасност и тоа, на некој начин, ме прави виновен за бегството на Груевски.
Шеќеринска не го разбира овој концепт, не го прифаќа овој начин на размислување. Таа го следи својот политички инстинкт, кој и наложува да одрече секаква одговорност за аферата “Рекет”, во која се вплеткани нејзини пријатели. А ова последново не е “рекла казала”, туку неспорен факт.
Што се однесува до мене, немам ништо против обидот на Шеќеринска да се прикаже невина по секоја цена. Јас ги гледам оние фотографии и видеа од крунисувањето на “кралот” и уште не можам да се изначудам како е можно луѓе за кои сум имал високо мислење да се наведнуваат во позата на бедни поданици на една таква опскурна фигура, да се лигават пред камерите и да се ракуваат со него како да се ракуваат со Мајка Тереза. Каков срам, каков блам!
Патем речено, кога мојот пријател Пешевски на отворена сцена ја пееше “Едно име имаме”, го нацртав на насловната страница на “Слободен печат”. Не му беше право, но го издржа ругањето. Оти беше порака од искрен пријател да престане да се глупира.
И за тоа служат пријателите, нели?