Индискиот Парламент изгласа поголема власт над Кашмир, Кина револтирана

212

Парламентот на Индија денеска гласаше за реорганизирање и нова класификација на Џаму и Кашмир со што владата во Њу Делхи ќе има поголема власт над тој спорен регион со мнозинство муслимани.

Законот донесен од страна на Долниот дом на Индија ќе го смени административниот статус на Џаму и Кашмир од држава во сојузна територија.

Во индискиот политички систем државите имаат значителни овластувања кога станува збор за локалните прашања, но кога станува збор за федералните територии, Њу Делхи има поголемо влијание.

Според законот, усвоен со 370 „за“ и 70 „против“, планинскиот регион Ладак, што моментно е дел од Џаму и Кашмир, ќе биде одвоен и претворен во сојузна територија.

Горниот дом на индискиот Парламент вчера го усвои новиот закон.

Официјален Пекинг денеска изрази несогласување поради одлуката на Индија да го укине специјалниот статус на Кашмир, бидејќи тоа го поткопува територијалниот суверенитет на Кина.

– Постапката на Индија е неприфатлива и нема да има никакво правно дејство – изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чинјинг.

Кина ја повика Индија да биде претпазлива кога станува збор за прашањата за границата и да ги почитува договорите кои двете земји ги склучија со цел да се спречат акции кои во иднина би ги комплицирале прашањата на разграничување.

Спорниот регион Кашмир е поделен на три дела. Индија управува со кашмирската долина и делот околу градот Џаму, Пакистан ја контролира територијата во западниот дел, додека Кина во своја сопственост ја има слабо населената област во северниот дел.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...