Компанијата „Харланд и Волф“ (Harland & Wolff) позната како бродоградител на луксузниот брод Титаник, најверојатно ќе оди во стечај, откако нејзиниот сопственик норвешкиот индустријалец Фред Олсен не успеа да најде купувач.
Во компанијата која подолг период е во финансиска криза поради се појаката конкуренција, вчера влегле администратори на сметководствената компанија BDO, а за денеска е најавено дека до Високиот суд во Белфаст ќе биде доставено барање за стечај.
Медиумите јавуваат дека на 120 работници веќе им биле дадени решенија дека се вишок.
Синдикатот бара северноирската влада да го национализира бродоградилиштето, со тврдење дека ќе биде поевтино за владата да го задржи бродоградилиштето отворено. Владини претставници, пак, велат дека кризата во компанијата е трговско прашање.
„Харланд и Волф“ претходно побарале од владата финансирање на кусокот од 650 000 фунти, што на компанијата требало да ѝ „даде простор за дишење“ за месец август „за да можат да истражат други опции“. Но, тоа, според владини службеници не може да се направи од причина што тоа би било спротивно со правилата за државна субвенција. Компанијата нема нарачки со што би се гарантирало производство и вратил заемот.
Компанијата која во добрите години вработувала и 35 000 луѓе е основана во 1861 година од Јоркширмен Едвард Харланд и Германец, Густав Волф.
До почетокот на 20 век, тој беше најплодниот градител на океански бродови во светот. Нејзино дело е луксузен брод Титаник, кој потона во 1912 година по судир со санта мраз. Во бродската катастрофа загинаа над 1.500 луѓе.
За време на Втората светска војна во ова градилиште се произведени 140 воени бродови, 123 трговски бродови и повеќе од 500 танкери.