Освен од авто салон, граѓаните може да го заменат старото возило и на авто плацовите каде се продаваат увезени половни автомобили. Но, автомобилите кои ќе ги субвенционира владата треба да бидат со најмалку ЕКО 5 стандарди, дообјасни министерот Крешник Бектеши во вчерашното интервју за Алсат.
Тоа значи дека за да ја добие оваа сума, купувачот не е обврзан да го одјави стариот автомобил и да купи нов само од прва рака.
– Граѓаните не треба да мислат дека треба да купат кола од продажните салони, односно со нула километража. Исто така можат да одат да купат во салоните кои увезуваат, но треба да имаат предвид дека возилата треба да имаат еколошки стандард над Евро 5 и на тој начин ние како министерство ќе ги субвенционираме со 3.000 евра – рече Бектеши.
Според Законот за возила кој беше изгласан во Собранието минатата недела, вредноста на автомобилите кои ќе ги субвенционира државата не треба да надминува 12 илјади евра.