Триесет и две невработени лица денеска во Центарот за вработување Куманово добија сертификати за успешно завршена обука за пекари, слаткари и автомеханичари.
Невработените следеле тримесечна обука кај девет работодавачи од овие дејности и се стекнале со потребни стручни квалификации, вештини и знаења од овие три занаети. Невработените, особено младите до 29 години покажале голем интерес за обуката која се спроведувала кај работодавачите кои се членови на Занаетчиската комора.
– Анализата на пазарот на труд кој што го спроведе Агенцијата за вработување во последниот квартал изминатата година покажа недостиг на квалификувана работна сила од овие занаети, така што во Оперативниот план за активни програми и мерки за 2019 година се предвиде мерка со која што ќе се надмине овој проблем. Мерката на ниво на држвата, посебно на ниво на општина Куманово се реализираше успешно во соработка со Занаетчиската комора, со невработените и работодавачите – изјави раководителката на кумановскиот центар за вработување, Марија Димитријевска.
Од Центарот за вработување добиле информации од работодавачите дека дел од овие лица ќе бидат вработени во нивните фирми.
Претседателот на Занаетчиската комора, Агрон Фазлии вели дека речиси и да нема занает кој не се соочува со недостиг на квалификувани занаетчии.
– Буквално, нема занает каде што има доволен број работници, причината е иселувањето од државата. Оваа мерка навистина дава резултати. Сметам дека државата треба да преземе конкретни мерки или преку зголемуавње на плати или со субвенции кај занаетчиите. Мерките мора да се преземат веднаш за да ни останат занаетчиите во државата – изјави Фазлии.
Оваа мерка се реализира на ниво на државата. Во Куманово, денеска со сертификат се стекнаа по дванаесет лица за пекар и автомеханичар и осум за слаткар.