Да се укинат националните пензии за уметниците и титулата амбасадор на културата, предвидува Предлог законот за остварување на јавниот интерес во културата што го објави Министерството за култура.
„Со Предлогот на Законот се предлага да се укине во иднина доделување на правото на дополнителен надоместок покрај пензијата на уметник или стручен работник од областа на заштитата на културното наследство, од средствата на државниот буџет за култура, преку Министерството за култура, бидејќи ова право претставува дискриминаторски и популистички мерки во однос на активните уметници и други стручни работници во културата кои не се носители на државни награди. За ова право на пензионерите во културата, добитници на државни награди, праксата покажа дека не придонесуваат за развој на културата, а претставуваат поголеми фискални зафаќања од Буџетот на Република Северна Македонија за културата, кои се на сметка на средствата, односно ги намалуваат средствата потребни за работа на установите и за финансирање на програмите и проектите од јавен интерес во културата. Исто така, од истите причини се предлага да се укине и доделувањето на титулата амбасадор на културата“, се објаснува во Предлог законот.
Се предлага на уметниците и стручните работници од областа на заштитата на културното наследство кои до денот на влегувањето во сила на овој закон го оствариле правото на месечен паричен надоместок во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во земјава во претходната година, за тековната година по денот на влегувањето во сила на овој закон, да продолжи да им се исплаќа месечниот паричен надоместок.
На амбасадорите на културата на кои веќе им е доделена титулата исто така им остануваат правата. Титулата Амбасадор на културата која ја доделува владата на истакнати уметници кои со својата работа ја промовираат земјата во светот за прв пат е доделена во 2007 година на режисерот Милчо манчевски, а до денес има 9 добитници: Горан Стефановски драматург во Велика Британија, Владо Јаневски естраден уметник во Хрватска, Иво Трајков режисер во Чешка, Зафир Хаџиманов естраден уметник во Србија, Благој Нацоски тенор во Италија, Елена Мисиркова-Лоза-пијанистка Австрија, Снежана Пановска пијанистка во Малезија, Иван Поповски режисер во Русија.
Со Предлогот на законот, покрај самостојните уметници, право на поволности од буџетот за придонеси од работен однос се предлага да имаат и лицата кои вршат стручни работи во културата во вид на занимање, како што се менаџери во културата, куратори и стручните работници во областа на заштитата на културното наследство, а кои досега немаа законско право тоа да го остварат.
Регулирањето на работниот однос на вработените во културата, во Законот за културата е жестоко критикуван во културната јавност, особено третманот на уметниците и стручните работници во културата како „даватели на услуги“. Оттука, измената на статусот и правата и обврските на уметниците и стручните работници во културата, како „носители на дејноста“ е една од главните заложби на Националната стратегија за развој на културата.
„Затоа, потребно е одредбите за работен однос во културата и статусот на уметниците и стручните вработени во културата какви што сега се во Законот за културата, да се преработат и соодветно да се изменат, а имајќи ја предвид потребата прашањата што се заеднички со сите вработени во јавниот сектор, да бидат усогласени со Законот за администрација и Законот за вработените во јавниот сектор.
Исто така, пошироката културна јавност бара измени и во постапката за вршење на аудиција и реаудиција на уметниците“, се наведува во Предлог законот од Култура.