Американскиот рапер А$АП Роки, чие вистинско име е Раким Мајерс, денеска во Шведска присуствуваше на првиот ден од судењето за инцидент во Стокхолм, на 30 јуни. Обвинет е за напад и нанесување телесни повреди.
А$АП Роки се изјасни невин.
Раперот натаму тврдеше дека жртвата го провоцирала него и уште двајца негови колеги.
Ако биде осуден, американскиот музичар се соочува со казна и до две години затвор.
Претседателот на САД, Доналд Трамп исто така се вмеша во овој случај, како што изјави – на молба на првата дама на САД, Меланија Трамп и познатиот рапер Кање Вест. И покрај првите позитивни сигнали по контактот со премиерот на Шведска, Стефан Лофвен, Трамп подоцна на Твитер напиша дека е разочаран од тоа што премиерот му рекол оти нема да се меша во судењето на А$АП Роки.
Имено, Трамп понудил да плати кауција за раперот, но шведското правосудство не го дозволува тоа.
ФОТО: EPA / ERIK S. LESSER