Релаксирање на казнената политика и намалување на казните кај Царината, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на одбележувањето на Денот на Царинската управа.
– Во координација со Царинската управа се изврши сеопфатна анализа на казнената политика и се изготвија предлози за намалување на глобите, односно за нивно изрекување соодветно на тежината на сторениот прекршок – рече Тевдовски.
Тој посочи дека се работи на концептот едно застанување – односно на еден граничен премин да се поминат граничните контроли на две земји.
– Во унапредувањето на трговската размена од големо значење ќе бидат и активностите кои се преземаат за спојување на граничните премини со дел од соседните земји (Србија, Албанија и Косово). Концептот со едно застанување, на еден граничен премин, да се поминат граничните контроли во двете земји значително ќе ја забрза и олесни стоковата размена. Идејата за единствен граничен премин ќе придонесе за унапредување на регионалната соработка, ќе го направи регионот поконкурентно место за стопанисување и ќе влијае на трговскиот раст – рече Тевдовски.
Министерот информира дека преку ИПА фондовите се модернизираат и граничните премини Табановце и Ќафасан.
– Модернизираниот граничен премин Табановце се очекува да се пушти во употреба во наредните неколку месеци. Кон крајот на 2018 година се очекува да заврши и проектот за реконструкција на објектите за царинење и инспекција на граничниот премин Ќафасан, исто така финансиран од ИПА фондовите – рече Тевдовски.
Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски рече дека со подобрување и поедноставување на царинското законодавство, со олеснува работата на малите и средните претпријатија и зголемување на конкуретноста и извозот.
– Еден од нашите важни приоритети во наредниот период ќе биде подобрувањето и елиминирањето на сите нетарифни бариери во царинското работење што ќе го реализираме преку новоформираниот Национален комитет за олеснување на трговијата. На граница ќе се издаваат само неопходните ветеринарни и фито дозволи според меѓународните стандарди, а сите други дозволи ќе се издаваат во внатрешноста. На тој начин значително ќе го забрзаме движењето на стоките преку граница – рече Танасоски.
Царинат лани наплатеи вкупно 1,27 милијарди евра, што е за 86 милиони евра односно 7,2 отсто повеќе од 2016 година, кога биле наплатени 1,19 милијарди евра.