„Август во округот Осејџ“ нова премиера во Битолскиот театар

181

Ансамблот на НУ Народен театар-Битола е подготвен за премиерна изведба на претставата „Август во округот Осејџ“ од Трејси Летс, во режија на Драгана Милошевска-Попова.

Режисерката Милошевска-Попова на прес-конференција во Битола истакна дека пиесата на американскиот писател Летс се подготвувала два месеца, бидејќи станува збор за богата приказна која била филмувана, а сега се поставува на театарска сцена со обид да го избегнеме влијанието на филмот.

– Втор пат соработувам со актери од битолскиот театар, работевме на секој лик во претставата за да направиме интересна приказна. Оваа претстава е посветена на едно дискфункционално семејство, семејство кое се распаѓа и за тоа какво влијание имаат општествените прилики врз семејството – рече меѓу другото Милошевска-Попова.

Претставата „Август во округот Осејџ“, како што појасни драматургот Билјана Крајчевска, е црна комедија, приказна за луѓе кои под маската на семејниот живот, делумно од страв или паника мораат да се уништат.

– Оваа претстава треба секој да ја види, бидејќи станува збор за црна комедија полна со сарказам. Таа е забавна, но исто толку тажна затоа што јасно прикажува колку многу перверзен може да биде човекот по природа и колку е тешко, ако не и невозможно, да се промени таа вгнездена навика за самоуништување во неговата природа доколку се обиде да се ослободи од минатото – посочи Крајчевска.

Во премиерата закажана за утревечер на матичната сцена на Битолскиот театар, главните улоги ги толкуваат актерите Елена Моше, Јулијана Мирчевска и Борис Чоревски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...