Познатиот македонски актер, Гоце Влахов, почина денеска на 70-годишна возраст. Посмртните останки на Гоце Влахов ќе бидат изложени во капелата на гробиштата Бутел на 30 јули (вторник), во 11 часот, а погребот ќе биде во 12 часот.
Во својата богата кариера тој глумеше во Македонски народни приказни и во Светот на бајките, а во својата филмографија запиша и улоги во: „Тврдокорни“, Трст виа Скопје“, „Погрешно време“, „Чекор пред времето“, „Мајки“, „Сенки“.
За неговата смрт со болка и жалење се огласија и од Македонскиот народен театар (МНТ) каде и работеше Влахов, од 1980 до пензионирањето остварувајќи бројни улоги на оваа сцена од 1972 година.
Првата улога на сцената на МНТ Гоце Влахов ја остварува во 1972 година во претставата „Крал Лир“, а потоа се редат и „Хелдерлин“ (1973), „Сезона на шампионите“ (1975) и „Славата и смртта на Хоаким Муриета“ (1975). Во селективната театрографија ќе ги спомнеме и претставите „Милион маченици“ (1980), „Војна и мир во Груда“ (1981), „Остен“, „По претставата“(1981), „Габи“ (1982), Макавејските празници“, „Свирач на покрив“ (1983), „Воена тајна“, „Погрижи се за Амелија“ (1984), „Среќна нова 1949“, „Рамна земја“ (1985), „Тартиф“, „Гуштерица“ (1986), „Мрестење на краповите“, „Дон Кихот“ (1987), „Рави“ (1989), „Галеб“, „Посета на старата дама“ (1990), „Зора на истокот“ (1991), „МКС“ (1995), „Гроф Миливој“ (2001), „„Болва в уво“ (2007) и последната „Троил и Кресида“ (2010).
Влахов беше роден на 12-ти мај 1949 година.