Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денеска ја посети компанијата „Кромберг и Шуберт“ во индустриската зона Жабени во Битола, каде пред менаџментот зборуваше за можностите за инвестирање во земјава.
Апостолска, како што стои во соопштението, истакна дека Владата работи како партнер на бизнисот, посветана на градење на стабилно и предвидливо деловно опкружување со силна институционална грижа за надминување на сите предизвици, а со цел обезбедување непречена работа на странските компании во земјава и нивно стимулирање за реализирање на нови инвестициски проекти.
– Преку законски втемелени економски политики на стимулација и конкретна поддршка на странските компании за реализација на нови инвестиции, Владата спроведува јасна визија за индустријализација на земјава и креирање нови и добро платени работни места. Странските компании, како што е и случајот со „Кромберг и Шуберт“, се значаен фактор во овие владини определби и во смисла што внесуваат современа технологија и напредни менаџерски знаења, односно отвораат потенцијал и за развој на човечкиот капитал – рече министерката Апостолска.
Таа изрази задоволство за економските бенефиции што компанијата ги дава за пелагонискиот регион и испрати порака на охрабрување до менаџментот за продолжување на инвестициските активности.
Министерката Апостолска од страна на менаџментот на компанијата беше запознаена со реализираните и тековни проекти на производство на кабелски снопови што се користат од страна на реномирани компании од автомобилската индустрија.
– Во изминатите години постојано расте бројот на вработените и во моментов компанијата има над 6.400 вработени што ја прави една од најголемите работодавачи во Северна Македонија. Грижата за вработените во компанијата е главната водилка на „Кромберг и Шуберт“, а фактот дека во оваа компанија се вработени граѓани од целиот пелагониски регион и пошироко, компанијата е позната и по многуте добротворни акции и придонеси во здравството и образованието пред сѐ, како и во другите сфери од животот – беше порачано од страна на менаџментот на средбата со министерката Апостолска