Изложба на Шќипе Мехмети во Софија

Изложбата е насловена „Женска фрагилност и/ или моќ“ и ќе прикаже дваесеттина дела.

369

Изложбата „Женска фрагилност и/ или моќ“ на уметницата Шќипе Мехмети ќе биде отворена утре во 18:30 часот, во КИЦ на Република Македонија во Софија, Бугарија.  На изложбата ќе бидат претставени дваесеттина дела, изработени во графичката техника сува игла.

 „Жената и женскиот принцип, нејзината нежност, сензуалност, чувственост, сексуалност, моќ на ранета лавица од една страна наспроти нејзината фрагилност, кршливост, злоупотреба, болка се главните два аспекти кои како крајни параметри со сите варијации помеѓу ги истражува младата графичарка Шкипе Мехмети во најновите графички дела насловени како серија ‘Фрагилност’… Графиките на Шќипе, кои се изведени во неколку графички техники како сува игла, бакропис, комбинирана техника или пак само молив на хартија… се занимаваат со фигурација и тоа од презентативен вид, во кои има наративен и описен пристап. Во нив има реалистички претстави или детали, јасно препознатливи и асоцијативни. Жанровски тие се движат од стриповски прикази, до апстрактно-асоцијативни решенија, во кои постои одлична графичка подготовка на предлошката… “, напиша за изложбата Ана Франговска.

Шќипе Мехмети е родена во 1981 година во Кичево. Во 2004 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во 2007 година магистрирала на отсек графика на истиот факултет. Од 2000 учествувала на повеќе од 70 групни изложби во Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, Германија, Хрватска, Италија, Шпанија, Турција, Египет, Чешка, Литванија и Франција. Реализирала е 20 самостојни изложби во Македонија, Косово, Србија, Шведска, Германија, Франција и САД. Живее и работи во Скопје.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...