Напорите на албанските граѓани да добијат државјанство на некоја од земјите членки на ЕУ е појава која продолжува со забрзан интензитет во последните години.
Според Европската агенција за статистика-Евростат, за само пет години, односно за периодот 2013-2017 година, околу 260.000 Албанци добиле државјанство на земја од Европската унија.
Оваа бројка е еквивалентна на околу 10 отсто од вкупното население во Албанија или, на пример, на секои пет години Албанија губи население на една околија.
Деталните податоци покажуваат дека огромното мнозинство Албанци или околу 92 процента од оние кои добиваат државјанство на ЕУ, стануваат грчки или италијански државјани.
„Само во 2017 година околу 59.000 албански граѓани станале државјани на земја членка на ЕУ, со што албанската заедница станува втора по број во добиените државјанства веднаш зад Мароканците со околу 68.000. Грчката влада одобрила државјанство за 30.000, додека италијанската за 27.000 албански граѓани“, наведува Евростат.
Додека Албанија стане членка на Европската унија, емиграцијата и понатаму е единствениот начин тие да станат граѓани на ЕУ, пат што, според податоците на Евростат, масовно се следи.
Голем број албански граѓани бараат и азил во земјите на ЕУ. Во периодот 2013/2017 за азил аплицирале 157.000 албански граѓани.