Копач: Северна Македонија најмногу напредуваше од сите земји во ЕЗ

101

Многу сум задоволен од сите процеси и целиот напредок што го има во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) што се поврзани со Законот за енергетика. Северна Македонија најмногу  напредуваше од сите земји во Енергетската заедница (ЕЗ) во последната година и токму затоа РКЕ реши да прати апликација за добивање на статус на набљудувач во ACER – Европската агенција за координација на енергетските регулатори и ја отвори својата врата за членство во ЕЗ, порача Јанез Копач, директор на Секретаријатот на ЕЗ по состанокот во Скопје со претседателот и членовите на РКЕ.

Тој посочи дека статус на набљудувач во ЕЗ засега има само Црногорскиот регулатор, Српскиот побарал но не добил, а за македонскиот, потенцира, нашето мислење, кое е одлучувачко, е многу позитивно.

– Се уште кај нас не е дојдена апликација, во моментов разговараме и се надевам дека ќе заврши позитивно. Во последната година по усвојувањето на новиот Закон за енергетика во Северна Македонија има многу промени, регулаторот одлично функционира и донесе преку 30 подзаконски акти за овој закон и со тоа практично ја заврши целата работа, но останува да се имплементираат. Некои акти веќе се имплементирани, а некои ќе стапат на сила најдоцна до крајот на годинава – изјави Копач по средбата на тема Реализираните обврски на РКЕ кои произлегуваат од новиот Закон за енергетика.

Нагласи дека РКЕ е во процес на сертификација на МЕПСО како оператор на електропреносниот систем.

– Тоа во пракса нема ништо да промени бедејќи МЕПСО и сега е оператор, а ќе биде и во иднина, но многу е важно да се анализира и процени усогласеноста на неговото функционирање со Законот за енергетика, бидејќи тоа е услов МЕПСО да остане членка  на ENCOE, Европското семејство на оператори не електропреносни системи. Сертификацијата од РКЕ мора да биде направена и за неа мора да добијат позитивно мислење од Секретаријатот. РКЕ веќе ја заврши прелиминарната сертификација, доби наше позитивно мислење со барање за некои дополнителни објаснувања и очекуваме наскоро да ја добиеме и финалната сертификација за МЕПСО и на тој начин да се обезбеди стабилен пат на Северна Македонија во европските интеграции на ова поле – прецизира Копач.

Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски посочи дека добиле огромна поддршка од Секретаријатот на ЕЗ при носењето на подзаконската регулатива.

– Секој подзаконски акт што го усвојуваме ние го доставуваме и  до Секретаријатот на ЕЗ и често се случуваше  експерти од ЕЗ да дојдат во Скопје за да разговараме за подзаконските акти кои ги носевме. На крајот целиот процес ќе резултира со поднесување на наша апликација до ACER  за да се стекнеме со статус на набљудувач што ќе ни даде право да учествуваме во работата на работните групи кои постојат во ACER.

Во одговор на прашање директорот на Секретаријатот на ЕЗ посочи дека Северна Македонија има најлиберализиран пазар на електрична енергија од сите земји членки на ЕЗ. Процентот на либерализација, потенцира, е околу 65 отсто, што е многу повеќе од Црна Гора која има околу 50 проценти и Србија далеку под 50 отсто, додека останатите земји имаат многу помал процент.

– Либерализацијата на пазарот на крај секогаш е во полза на потрошувачите. Ценам дека е добро направена во вашата земја и без никакви потреси за граѓаните што не е едноставно – рече Копач.

За смената на директорите на ЕСМ и МЕПСО рече дека не може да анализира и коментира зошто е направена, бидејќи не е запознаен со деталите на работење на компаниите, но додаде дека му е познато оти ЕСМ почна темелно да го менува начинот на работење и стана профитабилна компанија, а МЕПСО се вклучи во имплементацијата на третиот енергетски пакет што, според него, е позитивно.

Претседателот на РКЕ информира дека заклучно со мај годинава има околу 4.000 новоизлезени компании на слободниот пазар на електрична енергија што е пораст од преку 400 до 500 проценти.

– Претходно излегуваа компании кои имаа поголема потрошувачка, а сега претежно излегуваат комерцијалните потрошувачи – мали дуќанчиња, кафулиња, ресторани. Она што изненадува е што имаат намалување на трошоците за електрична енергија за 27 до 32 отсто. При тоа, задржавме и ценовна стабилност во делот за домаќинствата. Се создаваат услови нашите девет активни снабдувачи да продаваат електрична енергија на слободниот пазар, но сите увезуваат струја и нивната цена зависи од цената на регионалниот пазар која оваа година е нешто повисока од вообичаената. Поради тоа се уште не се заинтересирани да нудат кај домаќинствата, но кога ќе се создадат услови ќе бидат први што ќе им ги понудат своите услуги на домаќинствата – потенцира Бислимоски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...