„Јами дистрикт“ утре го отвора „Лица без маски“

За прв пат на фестивалот „Лица без маски“ ќе имаме уникатна можност да уживаме во т.н. „сензорна“ претстава.

140

Во име на театарските работници и почитувачи на фестивалот, утре вечер во Домот на АРМ, пред почетокот на првата од седумтте претстави на ИТФ „Лица без маски“, фестивалот ќе го отвори актерот Висар Вишка.

Со претставата за најстарата нација на светот „Јами дистрикт“, на 12 април во Домот на АРМ со почеток од 20 часот, ќе биде отворено 11-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, посветен на независната професионална театарска продукција.

Под мотото „Најди начин“, во периодот од 12-16 април, ќе бидат изведени вкупно седум претстави и тоа три од домашната независна продукција и четири претстави од госувачките театри од Србија, Грција, Косово и Шпанија.

– За прв пат на фестивалот „Лица без маски“ ќе имаме уникатна можност да уживаме во т.н. „сензорна“ претстава. Станува збор за проектот „Арктик“ на шпанскиот театар „Понтен пие“, кој во периодот од 13 до 15 април, по три пати дневно ќе ја изведе оваа несекојдневна претстава. Како фестивал што се обидува да промовира нови естетики, нови методи во современиот истражувачки театар, годинава сме среќни што имаме навистина квалитетни продукции кои ги нудат таквите начела кои се приоритет на фестивалот – вели Миодраг Костиќ, директор на ИТФ „Лица без маски“.

Во официјалната програма се и политички ангажираните претстави „55 нијанси греј“, во режија на Блерта Незирај, а во изведба на „Ќендра мултимедија“ од Косово, кои ќе настапат на 14 април, на малата сцена во МНТ, „Дримвил“ на театарот „92. Артскул“ од Атина, кои ќе гостуваат на малата сцена на МОБ на 15 април, а на репертоарот се и претставите од македонската независна продукција и тоа: „Три прави, три опачни“, на „Интимен театар“ од Битола, кои ќе настапат на 13 април, во 22 часот на „Малата сцена“ во Универзална сала, „Ужегнатост“ во режија на Владимир Милчин, кои ќе настапат на 16 април, во ДТЦ-Чаршија, од 20 часот и независниот проект на Саша Евтимова „Ла ла ла“, истиот ден на малата сцена на МОБ, со почеток од 22 часот.

За трите фестивалски награди: Гран при, Награда за најдобра режија и Награда за најдобро актерско остварување, ќе одлучува тричлено жири во состав: Дарја Ризова (актерка), Нина Николиќ (театарски режисер) и Драгана Лукан Николоски (драматург).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...