Пендаровски: Политичарите да ги тргнат надвор рацете од бизнисот!

716

Претседателот Стево Пендаровски повторно повика да се расчистат сите случаи околу рекет на луѓе од бизнис заедницата на денешната посета на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија.

Тоа, смета Пендаровски, е најсигурен начин една држава да не постои, ако се забошотуваат или ставаат под тепих или ако се оди до половина во расчистување на вакви случаи.

Претседателот се заложи да има што помалку политика во бизнисот.

– Што помалку политика во бизнисот, подобро за бизнисот, подобро за сите нас како држава. Секаде каде што има политички мешања во бизнисот, економијата трпи. Можеби една фамилија се богати, како што беше случај пред повеќе години, можеби неколку луѓе околу нив, можеби една политичка партија имаа најбогато седиште во Европа, меѓутоа во просек, народот страда. Значи, да ги тргнеме на страна тие работи и да се дистанцираме. Политичарите прават амбиент за бизнисот, но не учествуваат, не се партиципиенти во бизнисот на ниеден начин. Ниту преку посредници, ниту директно, ниту индиректно. Значи генерално, било кој да е на власт, политичарите да ги тргнат надвор рацете од бизнисот. Ако сакаш да се бавиш со економија, ќе ја напуштиш политиката, ќе формираш фирма и ќе си бркаш бизнис – порача претседателот.

На средбата со стопанствениците од оваа комора, претседателот рече дека не прави никакви поделби и дека ќе разговара со сите, бидејќи целта е иста, да се направи животот во Република Северна Македонија поубав и побогат.

Тој најави дека акцент ќе стави на економската дипломатија, а побара и договор околу стратешките прашања, за кои и претседателот, заедно со власта и опозицијата, ќе работат на нивна реализација.

– Една од моите улоги треба да биде и таа, да се обидам да комуницирам со сите политички страни и етнички страни, и да придонесам колку што можам да се намалува тој јаз таму каде што не треба да го има – рече тој.

Тој се осврна и на внатрешниот амбиент во кој се прави бизнисот и, како што рече, не му е драго што постои длабока политичка поларизација, посочувајќи дека и во наредниот период ќе продолжи да ги доближува спротивставените политички позиции.

– Тоа се вообичаените реторики на политичките партии, кои ги слушаме со години, посебно засилени последниве година, година ипол, со една запалива реторика која ги иритира граѓаните, независно од која етничка припадност се и за која партија гласаат. Јас мислам дека таа партиска или интрапартиска реторика треба да се стиши, да се намали, и да почнеме да зборуваме за сосема конкретни работи, од што живееме и како да живееме подобро – рече претседателот Пендаровски, нагласувајќи дека нема да потпише ниту еден указ на закон кој е контра интересите на бизнис заедницата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...