Додека кај нас за енергетски ефикасен објект важи оној кој има фасада со добра изолација од стиропор и ПВЦ прозорци, во европски и светски рамки критериумите за енергетска ефикасност се далеку над тоа ниво. Под таквите критериуми се подразбира и фасада која е направена од фотоволтаични панели. Нешто од што сите би имале корист ако се знае дека Македонија има најмногу сончеви денови во регионот.
Во земјава за околу еден месец ќе биде промовиран токму таков објект – прв со фотоволтаична фасада. Панелите кои се поставуваат се направени овде, во фабриката Пиксел Груп во Скопје, која е првата фабрика за производство на фотоволтаични модули во Македонија.
Развивањето на вакви фасадни, но и флексибилни панели, оние кои може да се направат и по нестандардни димензии, е една од целите која првите луѓе на Пиксел Груп, Горанчо Паунов и Димитар Ковачевски, си ја задаваат за во иднина. Тие денеска ја одбележаа првата годишнина од отворањето на фабрика, а роденденот го прославија со нова инвестиција.
Станува збор за инвестиција вредна 200.000 евра со која годишниот производствен капацитет е зголемен од 20 на 55 MW (мегавати), а процесот на производство е по најстрогите светски критериуми за организација и контрола на квалитетот, според ISO стандардите. Со инвестицијата, потенцираат од фабриката, во целост и во секое време може да се одговори на барањата на купувачите од земјата, регионот и пошироко.
Амбиција и цел за во иднина им се и производство на бифацијални панели, кои покрај енергијата од сонцето ќе ја искористуваат и онаа која се рефлектира од земјата и од други површини. Сега се во фазана тестирање, а планираат да почнат со производство до крајот на оваа година.
Фотоволтаици на реномирани компании и над 100 училишта
Но, за да ги исполнат амбициите за првата годишнина од постоењето, како што вели Ковачевски, зад нив оставаат година на макотрпна работа, учење, обуки и многу непреспиени ноќи поминати во погон.
– Пиксел Гроуп ги исполни плановите и ветувањата дадени на отворањето на фабриката. За периодот од една година компанијата стана производител број 1 во регионот на монокристални и поликристални фотоволтаични модули со највисок квалитет – вели тој.
Високиот квалитет на производите, посочува неговиот партнер директорот Горанчно Паунов, се потврдува и преку продажните резултати, при што во текот на една година фотоволтаичните модули на компанијата се инсталирани на 120 соларни централи со различна моќност за производство на струја.
– Горди сме што реномирани компании како „Витаминка Прилеп“, „Макпрогрес Винчини“, „Адора“, „Ариље Метал“, „Мак Тоис“, „Ларс“, „Агрогама“, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и уште 108 училишта и градинки во 34 општини во Република Северна Македонија произведуваат електрична енергија од сонцето со помош на нашите фотоволтаични модули – изјави Паунов.
За квалитетот тие даваат 25 години линеарна гаранција, направена според алгоритамски пресметки и таа важи и во случај првиот купувач да го препродаде панелот на втор сопственик.
Колку едно домаќинство треба да одвои за поставување фотоволтаици?
Не се само приватниот сектор и училиштата кои можат да имаат корист од панелите. Можат да го поставуваат и домаќинствата. За нив се потреби 4 киловати или 12 панели, за кои инвестицијата би чинела околу 3.500 евра, плус инвертор и електро опрема.
Во првата година од постоењето тие почнале да произведуваат и хибридни фотоволтаични термални модули односно панели кои истовремено произведуваат на електрична и топлинска енергија. Инвестирањето во вакви хибридни панели по едно домаќинство би го чилено од 4.500 до 5.000 евра.
Експерти од Тајван, Венецуела, Шпанија го обучувале кадарот
Исполнувањето на оваа храбра и револуционерна инвестиција за македонски услови и успехот на компанијата во првата година, потенцираат Ковачевски и Паунов, немаше да биде можна без нивниот амбициозен и стручен кадат. Во моментов во погоните на Пиксен Груп работат 25 високостручни електро и машински инженери и техничари кои поминале низа врвни обуки за управување со најсовремената производствена опрема.
За тоа биле ангажирани домашни, но и експерти од Европа и Азија кои работеле на вакви и слични проекти во Тајван, Венецуела, Планија итн.
– Најсовремената технологија со која располагаме ја направивме достапна и на голем број средни училишта и универзитети чии ученици и студенти имаат можност своите теориски знаења практично да ги видат во нашата компанија. Среќни сме што во изминатиот период голем број студенти од електротехничкиот и машинскиот факултет својата пракса ја поминаа токму во нашата компанија – вели Паунов.
Дел од тие студенти, ќе продолжат да се усовршуваат во Пиксел Груп, а двајца ќе добијат и стипендија за постдипломски студии.