Елези: Вработеноста ќе расте, просечната плата годинава повисока за пет отсто

403
Вработеноста ќе продолжи да расте годинава, додека растот на просечната нето-плата годинава се очекува да биде околу пет отсто, предвидува Министерството за финансии.

Заменик министерката за финансии Ширет Елези образложувајќи ја Завршната сметка за 2018 во Собранието, рече дека поволните економски движења од минатата година, продолжиле засилено годинава, па се очекуваат и подобри економски резултати.

Како што информираат од Министерството, Елези рекла дека во 2018 година бруто домашниот производ забележал забрзан раст од 2,7 проценти, што е многу блиску до проекцијата на Министерството за финансии од 2,8 посто.

– За споредба, есенските проекции на другите релевантни институции се движеа меѓу 1,6 и 2,5 отсто. Ова е јасна потврда за зајакнатиот капацитет и посветеност на Министерството за финансии. Имено, кредибилноста на економските проекции е клучна за кредибилно дизајнирање на Буџетот, а со тоа и кредибилно водење на фискалната политика, рече Елези.

Заменик министерката посочила дека растот на економската активност во 2018 година е резултат на зголемената потрошувачка и на позитивниот придонес на нето-извозот врз економскиот раст. Таа додала и дека бројот на вработени во 2018 година се зголемил за 18.400 лица споредено со 2017 година.

За извршувањето на Буџетот во 2018, Елези рекла дека реализацијата на приходите биле согласно очекувањата, додека расходите се извршувале редовно и навремено.

– Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија се реализираа во износ од 188,5 милијарди денари и истите беа наменети за финансирање на расходите реализирани во износ од 200,1 милијарди денари. Остварувањето на приходите и расходите во наведените износи резултираше со дефицит на Буџетот во износ од 11,5 милијарди денари, при што тој бележи помала реализација во однос на планираниот за 6,5 милијарди денари и е реализиран на ниво од 1,8 отсто од БДП – рече Елези.

Како што се наведува во соопштението од Министерството, Елези додала дека финансирањето на буџетскиот дефицит и редовното сервисирање на обврските по основ на домашниот и надворешниот долг во 2018, било обезбедено преку еврообврзница и поволни кредити и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти, како и државни хартии од вредност. Истовремено, отплатени се обврски по основ на главница во износ од 28,12 милијарди денари и 7,699 милијарди денари по основ на каматни плаќања, меѓу кои и PBG 2 заемот од Светска банка од 2013 година од 95 милиони евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...