Анѓушев: „Ником“ позитивен пример за имплемeнтација на ИПАРД програмата ВИДЕО

203

Претпријатието за откуп и чување на земјоделски производи „Ником“ е позитивен пример на имплементација на ИПАРД програмата и во него се прави токму она што му треба на македонското земјоделство, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски го посети првиот откупен центар во Општина Градско.

– Тоа е нешто што многу години му недостасува на македонското земјоделство, односно изградба на откупни центри во кои земјоделците ќе може да ги пласираат своите производи и тие организирано понатаму да се продаваат. Тоа е единствен начин како да се подигне производната цена на земјодлските производи и да се заштитат земјоделците. Следен чекор е да се направат преработувачки центри за да не се продаваат земјоделските производи само свежи и разладени, туку и преработени – изјави Анѓушев.

За таа намена, како што рече, од годинава веќе се предвидени средства во Законот за финансиска поддршка на инвестициите и интензивно се разговара со големите центри и ланци за снабдување од развиените земји за да се охрабрат да дојдат во земјава и да направат преработувачки центри за земјоделски производи.

Тој посочи дека е информиран од сопствениците на „Ником“ дека веќе завршил откупот на кајсијата и оти е во тек откупот на праската, за која има обезбеден пласман, како и дека веќе им се исплатени средствата на земјоделците за откупеното овошје.

– „Ником“ има 59 вработени, а планираат и можно проширување. Како Влада ќе направиме се да ги охрабриме да продолжат со инвестициите. Важно е дека се повеќе компании се охрабруваат да аплицираат за средства од ИПАРД програмата – рече Анѓушев.

Тој прецизира дека од програмата ИПАРД 1, чија реализација траеше до 2013 година, се искористени само 13 проценти, а преку ИПАРД 2 програмата, која има уште две години за имплементација, веќе има двојно поголем процент на реализација и се очекува  до крајот да биде рекордна во регионот.

Министерот Димковски оцени дека „Ником“ е модерен објект во кој се запазени сите стандарди што ги бара пазарот.

– Примарното земјоделство без доработките и разладните системи не може да ја оствари целта, бидејќи земјоделецот не само што се бори со пазарот, туку се бори и со времето, односно ако денеска биде обрана праската, денеска мора и да се продаде. Преку разладување и складирање може повеќе денови да трае производот се со цел да се чека подобра цена и подобри услови на пазарот – рече Дикоковски.

Тој истакна дека откупните центри како „Ником“ треба да се шират, а ресорното Министерство, додаде, и понатаму ќе продолжи да создава позитивна бизнис клима во секторот.

Директорот Бабовски рече дека „Ником“ е добар пример за семеен бизнис кој оди во нагорен тренд, а токму ИПАРД програмата е таа која ги поддржува таквите бизниси.

– Доказ за тоа се 947 потпишани договори од првиот повик на ИПАРД 2 прграмата во висина од 21,7 милиони евра кои се ставени во функција на македонското стопанство. Од третиот повик имаме имплементирано уште 20 нови договори во износ од два милиони евра, а во план се апликации за искористување уште 18 милиони евра од новите повици. Тоа значи дека во овој момент на стопанството преку ИПАРД програмата му стојат на располагање околу 40 милиони евра, рече Бабовски и додаде дека  на корисниците им се исплатени 5,1 милиони евра.

Тие пари, според него, на некој начин ги поевтинуваат земјодеслите производи и ги прават поконкурентни на домашниот и на странските пазари и им помагаат сите делови на агросекторот да ги достигнат стандардите на ЕУ.

Сопственикот на „Ником“, Ристе Јанев појасни дека објектот е изграден со сопствени средства во износ од 24 милиони денари, а разладните уреди кои чинат 6,2 милиони денари се набавени со средства од ИПАРД 2 програмата.

Градоначаникот на Општина Градско, Роберт Бешовски посочи дека „Ником“ е добар пример за откуп на земјоделски производи, бидејќи за само неколку дена им ги исплаќа средствата на земјоделците за откупените производи. Тој ги повика земјоделците од Градско и околните општини да ги предаваат своите производи во овој откупен центар.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...