Само со зголемен ангажман на поставените приоритети од страна на државите од двете земји и деловните заедници, може да се услови обемот на меѓусебната трговска размена од 300 милиони САД долари во минатата година да се зголеми двојно во наредните години, односно да дојде до нивото кое сме го имале во 2011 година од приближно 577 милиони САД долари, констатираа претседателите на Стопанската комора на Македонија и Косово, Бранко Азески и Берат Рукичи, на денешната работна средба одржана во Охрид.
Заедно беше констатирано дека во насока на унапредување на меѓусебната размена не треба да се заборави на барањето на бизнис заедницата за модернизација на прекуграничната инфраструктура, со цел да се создадат оптимални услови за забрзан проток на стоки. Во овој сегмент најважно е да се работи на забрзување на царинските и други прекугранични процедури, односно да се пристапи кон веќе донесената одлука за вршење заеднички контроли, што во рамките на планот за регионална економска област како дел од Берлинскиот процес ваквата активност е поставена како врвен приоритет.
Во насока на зајакнување на меѓусебната соработка, Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на Косово како долгогодишни партнери ќе продолжат да делуваат и преку Коморскиот инвестициски форум, на заеднички проекти за зголемување и поттикнување на извозните капацитети и активности, дигитализацијата и дуалното образование. Воедно, се креираат иницијативи за создавање заеднички производи, како и заеднички настап на трети пазари, а акцент се става и на потребата од решавање на тарифните и нетарифните бариери кои се јавуваат во трговијата.
Покрај наведеното, кога станува збор за дефинираните приоритети, ако и ЕУ настанала врз моделот на регионално поврзување на пазарите, за што клучно било пред сѐ поврзување на главните градови на државите, јасно е дека еден од основните проблеми што ја забавува трговската размена меѓу Македонија и Косово е сѐ уште недоразвиената патна и железничка инфраструктура. Иако релацијата Скопје – Приштина е кратка и изнесува само 90-тина километри, за истата да се помине во моментов се потребни 1,5 до 2 часа. Овој автопат е поставен како еден од владините инфраструктурни приоритети, но согласно досегашните најави, 13-те километри од македонска страна ќе се изградат дури за три години, по што патувањето на оваа релација ќе се намали на помалку од еден час. Јасно е дека изградбата не е едноставна бидејќи изискува изградба на неколку тунели и мостови, но за да ги видиме бенефитите, а Косово веќе ја заврши оваа задача од своја страна, логично е и ние да се залагаме за скратување на роковите и што поскора реализација на патниот правец од македонска страна. За тоа ќе помогне грантот од околу 28 милиони евра кои на Самитот за Западен Балкан во Познањ и` се доделени на Македонија за изградба на автопатот А4, отсек БЦ Блаце – Скопје. Ефектите во такви услови ќе бидат повеќекратни, покрај создавањето услови за зголемување на обемот на стоковната размена, пократко време на превоз, ќе се намалат транспортните трошоци кои влијаат на цената на производите, ќе се зголеми конкурентноста, а со тоа и регионалната атрактивност за привлекување странски инвестиции.
– Наспроти потребата за подобра патна инфраструктурна поврзаност, во приоритетите на двете земји треба да се најде и подобрувањето на железничката инфраструктура и тоа преку зголемување на ефикасноста на транспортот со железницата, забрзување на контролните постапки и скратување на задржувањето на вагоните и на стоката – констатираа Азески и Рукичи.
Паралелно, неизоставни се и ангажманите врзани за енергетската инфраструктура, односно потребата максимално да се искористи и Меморандумот за соработка во областа на енергетиката меѓу двете земји кој се потпиша годинава, бидејќи приватниот сектор е заинтересиран за спроведување на гасоводното вмрежување кое битно ќе влијае врз конкурентноста на регионалната трговија. Ако во Познањ се обезбеди гранд од 13 милиони евра за интерконекторот меѓу Грција и Македонија за снабдување со природен гас којшто ќе овозможи 3,5 пати поголеми количини на гас од сегашниот капацитет, следен логичен чекор би бил овој проект да продолжи и кон Косово и Србија, со што ќе се зголеми енергетската независност на државите од Западен Балкан, но воедно и меѓусебната поврзаност.
– Сето ова укажува на фактот дека инфраструктурните проекти се клучен фактор за проширување и продлабочување на економската соработка помеѓу Косово и нашата земја, но и на регионот во целина – заклучија претседателите на коморите, Азески и Рукичи.