Зголемена реализација на капиталните инвестиции во третиот и четвртиот квартал годинава, најави министерот за транспорт и врски, при денешниот увид на реконструкцијата на регионалниот пат Ранковце – Крива Паланка.
Изминатиов период, како што истакна, се вложуваат над милијарда евра во капитални инвестиции во делот на патиштата, железничката пруга и изградбата на гасоводната мрежа, што е меѓу врвните приоритети на Владата.
– Коридорот 8 е од исклучително значење за нашата држава. Во делот на железницата пругата од Куманово до Бељаковце треба да биде завршена до крај на оваа година или почеток на следната година, кога паралелно ќе почне изградбата и на втората делница, од Бељаковце до Крива Паланка. Исто така, се бара начин за обезбедување на средства за делот од Крива Паланка до бугарска граница – рече Сугарески.
Во патната инфраструктура во тек е рехабилитација на патот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар, што ќе чини 2,6 милиони евра, а се гради и експресниот пат.
– Ова е исклучително важно за подигнување на капиталните инвестиции, кои заклучно со вториот квартал во делот на гасоводот се 48 проценти, а во делот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) над 34 проценти, коишто очекуваме да бидат драстично зголемени со добивањето на согласноста за автопатот Кичево – Охрид. Уште позасилено темпо од тоа што го најавуваме за вториот квартал очекуваме да се случи во третиот и четвртиот квартал, се разбира дека на тој начин ќе имаме сериозно зголемување на капиталните инвестиции, севкупно не само во ресорот Транспорт – изјави Сугарески.
Директорот на ЈПДП Зоран Китанов информираше дека се планира целосна рехабилитација на патната делница од Куманово до Крива Паланка.
– Активностите на патот потегот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар треба да бидат завршени напролет, но со засилени напори мислам дека ќе биде завршен до крајот на годината. Останатите 30 километри, од Куманово до Ранковце, се поделени на два лота, првите 15 километри се реализираат преку ИПА, за останатите 15 километри ќе има тендер во август и изградбата би требало да почне во септември како надоврзување на постоечкиот пат – рече Китанов, посочувајќи дека обновената делница ќе биде од голема корист за граѓаните и откако ќе заврши изградбата на експресниот пат.
Во овој регион, дополни, се работи на рехабилитација на 120 километри патишта. – До крајот на годината ќе имаме рехабилитирани преку 550 километри патишта затоа што моментно се работи на 300 до 350. Другите почнуват овој месец и мислам дека се што ветивме ќе реализираме. Дополнително есенва ќе има тендери за уште 200 километри, на кои ќе се работи кога ќе дозволат временските услови, но се планира интензивирање напролет и завршување во мај или јуни следната година.
Како што потенцираше градоначалникот на Ранковце Ивица Тошевски, обновата на регионалниот пат, освен за подобро патно поврзување со Бугарија е значајна и за месното население. – Автомобилите им се изамортизираа по ваков пат полн со дупки кој не видел рехабилитација 30 до 40 години, рече Тошевски, потенцирајќи ја важноста тековната изградба на експресниот пат ранковце Крива Паланка, но и можноста за автопатска делница од Куманово до Ранковце.