Советот на Град Скопје се откажа од германската компанија „Шолц“, која требаше да биде концесионер на депонијата „Дрисла“ и ја презеде депонијата во свои раце. Со 32 гласа „за“, членовите на Советот одлучија депонијата повторно да се врати под владение на Градот, како јавно претпријатие.
Избраниот концесионер „Шолц“ не регистрирал правно лице кое ќе менаџира со депонијата по што на денешната вонредна седница беа донесени одлуки со кои се поништија претходните договори и постапки за давање на депонијата „Дрисла“ под концесија и одлука со која „Дрисла“ стана јавно претпријатие во надлежност на Градот.
– Фактот што во Скопје досега не сме креирале политика на селекција на отпад, значи дека Град Скопје губи 120.000 евра месечно само од проста селекција. Скопје полека станува добро организиран град и тоа може да се забележи во работењето на градот, начинот на кој функционираме, повисоките стандарди што ги бараме и таквите стандарди ќе ги примениме и во „Дрисла“ – рече Шилегов по завршувањето на петтата вонредна седница на Советот на Град Скопје.
По осум години немање владение во „Дрисла“, рече Шилегов, потребно е да направиме едно сериозно скенирање на состојбата за тоа што всушност се случувало таму и кои се финансиските капацитети.
– „Дрисла“ на извесен начин е самоодржлива, но и ваква каква што е, може да носи определени профити. Откако ќе направиме анализа на тие состојби, тогаш можеме да видиме дали Градот со свои лични вложувања може да го унапреди тој процес и систем или ќе ни биде потребна помош од приватен партнер – додаде Шилегов.