Амбасадорот Пломп доби благодарница од Националната галерија

266

Националната галерија организираше средба со холандскиот амбасадор во заминување Вилем Ваутер Пломп на која му се заблагодари за континуираната поддршка на нејзината работа, пред сè во реализацијата на едукативниот проект  „Уметност за сите“ за деца од ранливите категории, финансиран од програмата МАТРА на Амбасадата на  Холандија во земјава.

Проектот е наменет за деца од најрана училишна возраст до завршување на средно образование. Се одвива во четири циклуси од по три месеци, во период од 2017 до 2019 година. Негова цел е  социјализација и општествена инклузија на лицата со попреченост и хендикеп.

Националната галерија го подготовува последниот, четврти циклус. Досега реализираше повеќе работилници со завршни изложби, со вклученост на деца со физички и со ментален хендикеп од Скопје и од Штип.

– Овој проект како предвесник на Националната стратегија за развој на културата во Македонија (2018-2022) е пример за грижа на различностите, потребите на посебните, ранливи и маргинализирани групи во општеството, нивните културни права и потреби… Амбасадорот Пломп не беше само промотор на активностите поврзани директно со овој проект, туку, препознавајќи ги напорите на нашата установа за општествено ангажиран принцип во работата, тој беше и долгогодишен редовен посетител, пријател и поддржувач на секој наш настан. За неговите заложби во областа на културата, уметноста и едукацијата, НУ Национална галерија му е неизмерно благодарна и му посакува голем успех во неговите понатамошни професионални ангажмани – соопшти Националната галерија на Република Северна Македонија.

На прошталната средба со амбасадорот Пломп, директорката на Галеријата Дита Старова Ќерими му предаде благодарница за соработката и пригоден симболичен подарок.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...