На 15.000 вработени им се закануваат откази или принудни одмори, ако македонската економска дипломатија не успее да ги изземе производителите на челични производи од мерките на ЕУ и САД за ограничен увоз на челични производи и извоз на отпадно железо. Дополнително тоа ќе значи стагнација на челичната индустријата што ќе има штета врз македонската економија и растот на домашниот бруто производ.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти претседателот на Здружението на металургија при Стопанската комора, Митко Кочовски од каде што побара силен ангажман на македонската економска дипломатија и амбасадорите во САД и ЕУ.
– Македонската индустрија иако директно засегната од заштитните мерки на САД и ЕУ поврзани со увозот на челични производи, не претставува никаква закана за овие две економии. Во САД извезуваме 12.400 тони и со тоа немаме никакво вијание врз целокупниот узов на челични производи во САД кој главно доаѓа од првите 10 извозници. Извозот, пак, во ЕУ изнесува 256.000 тони или само 0,87 отсто од вкупниот увоз на челични производи во Унијата. Дополнително нашиот извоз се реализира по пазарни цени што значи дека на никаков начин не го загрозуваме производството на челични производи ниту во САД, ниту во ЕУ – појасни Кочовски.
Но, додаде тој, овој извоз иако минорен за двете силни економии за македонската економија е значаен бидејќи учествува со 5,7 отсто во формирањето на Домашниот бруто производ (БДП), а челичната индустрија значи егзистенција за 3.000 директно вработени и 15.000 вработени во поврзаните сектори.
Освен заштитата од увоз на челични производи, дополнителен удар, потенцира Кочовски, е и мерката на ЕУ за ограничен извоз на старо железо.
– Најголем дел до суровината за нашата индустрија се увезува од Бугарија и тоа ќе биде проблем за сите македоснски компании, бидејќи на нашиот пазар нема доволно старо железо, а Србија веќе го ограничи извозот на старо железо – вели Кочовски.
Здружението, чиј претседател е Кочовски, апелира македонската економска дипломатија максимално да се заложи во овој правец и сериозно да укаже на последиците од овие мерки по развојот на македонското национално стопанство.
– Амбасардата во САД треба да побара изземање од мерките на Македонија, како што треба да го напрат нашите претставници во Брисел. Ние како компании веќе одговараме на поставените прашалници од ЕУ во врска со извозот на челични производи и се обидуваме да докажеме дека извозот го реализиреме по пазарни цени, а не по дампинг – рече Кочовски.
Тој додаде дека еднакво штетни за македонските челичарници би било, ако ЕУ воведе како мерка повисоки царини или ограничување на увоз на одредени количини на челик .
-Доколку воведе царини тогаш нашите производи би поскапеле, а ако воведе мерка за увоз на одредени количини, на пример врзани за реализиран извоз во 2013, 2014, 2015 година тоа би било уште понеповолно бидејќи во тие години е реалиизран низок извоз – појасни Кочовски.
Кочовски очекува во период од шест месеци, додека се вршат контролите на производителите на челични производи од страна на специјални комисии на ЕУ на извозниците, Унијата да почне да ги применува мерките.
Во Европската унија извезуваат пет производители на челични производи од земјава. „Макстил“ годишно извезува 150.000 тони, „Митал“ 60.000 тони ИГМ 106.000 тони, „Дојран стил“ 70.000 тони и ФЗЦ 11 Октомври, 20.000 тони.