Во Исланд минатата година стапи во сила закон, со кој се изедначуваат платите на мажите и жените за исти работни места. Но, во другите држави, меѓу кои и Република Северна Македонија, останува дискриминацијата на жената кога се во прашање месечните примања. Кај нас разликата во платите меѓу мажите и жените за иста работа е 18 проценти.
Што треба да се стори за да се измени таквата состојба кај нас? Дали и нашата држава треба да донесе закон со кој ќе се задолжат работодавачите да им даваат иста плата за иста работа на мажите и жените?
Систематизации на работните места за да се утврди дискриминација
Решението треба да се бара во измена на законските прописи и зајакнување на капацитетите на Државниот инспекторат за труд, смета Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.
– За да може инспекторот да утврди ваков вид на дискриминација, тој треба да добие проценка за секое работно место и да утврди дали се работи за иста работа, со иста тежина и вредност или се работи за сосема различни работни места – вели Димитров.
Ваква дефиниција за забрана на дискриминација по основ на пол се среќава и во Конвенциите на Меѓународната организација на трудот, која нашата држава ја има ратификувано, и во Директивите на ЕУ.
– Овие односи кај нас се регулирани со Законот за работните односи и со Колективните договори. Законот за работните односи во членовите 6 и 108, покрај другите видови на заштита од дискриминација, предвидува дека жена и маж мораат да имаат еднаков третман т.е. еднаква, иста плата за еднаква работа. За да се примени заштитата од овој вид на дискриминација неопходно е сите работодавачи да имаат систематизации на работните места во кои ќе се изврши проценка на сите работни места во поглед на одговорноста, сложеноста и тежината на работата, потребните знаења и искуство и условите каде се извршува таа работа. Само тогаш можеме да направиме контрола и да утврдиме евентуална дискриминација по основ на полот – потенцира Димитров.
Тој забележува дека во најголемиот број на микро и мали, а понекогаш и во средни претпријатија не постои систематизација на работните места со проценка на секое работно место.
– Затоа и разните истражувања на овој проблем се сведуваат на разни анкети и перцепцијата на анкетираните за оваа појава – заклучува Димитров.
Во нашата држава се направени две истражувања, едно во 2011, друго во 2015 и двете покажале дека во земјава, како и во поголемиот дел земји во светот постои јаз во заработувачката.
Комплексен процес на унапредување на родовата рамноправност
Родовиот јаз во платите е феномен присутен на глобално ниво, вели Маја Морачанин, пратеничка и лидерка на ДОМ.
– Во Европската Унија, жените просечно заработуваат 16 проценти помалку во споредба со мажите, а во Северна Македонија разликата е околу 18 отсто. Слична е и состојбата со јазот во стапката на вработеност меѓу мажите и жените, кој кај нас изнесува 20 проценти во корист на мажите. Причини за помалата активност на жените на пазарот на труд и за пониските плати на жените од мажите се присутната родова нееднаквост, дискриминацијата, стереотипите и предрасудите за улогата на жената во општеството – вели Морачанин.
Таа потенцира дека надминувањето на родовиот јаз во платите е дел од комплексниот процес на унапредување на родовата рамноправност.
– Неопходно е подигање на јавната свест, особено преку образовниот систем и медиумските содржини. Подеднаквото учество на жените во сите сфери на општественото живеење, придонесува не само за подобрување на положбата на жените, туку и на нивните семејства, партнери, деца, како и за економски прогрес на општеството во целост. Особено е значајно ефикасното спроведување на мерките за економско јакнење на жените, како поддршка на женското претприемништво, но и поддршка на ранливите категории-самохрани мајки или жени жртви на родово базирано и семејно насилство. Во нашата држава се спроведуваат вакви мерки, но потребно е да се одвојат поголеми финансиски средства од буџетот за оваа намена – вели таа.
Во нашето патријархално и конзервативно општество се уште доминира мислењето дека жените и покрај во просек, повисокиот степен на образование во споредба со мажите, не се подеднакво способни за извршување на работните обврски, особено кога станува збор за одредени т.н. „машки професии” или раководни функции.
– Некои од државите членки на ЕУ веќе воведоа квоти за задолжителни 40 отсто жени во управните одбори на компаниите. Имплементирање на ваква мерка кај нас, значително ќе го зголеми учеството на жените на управувачки позиции и ќе придонесе за намалување на родовиот јаз во платите – вели Морачанин.
Северна Македонија на 66 место по родова еднаквост
Според извештајот на Светскиот економски форум за родова еднаквост за 2018 година, жените мора да чекаат уште 202 години за да ги изедначат платите со мажите и да имаат исти можности за работа.
Според тој извештај Северна Македонија се наоѓа на 66 место по родова еднаквост од вкупно 149 земји. Најдобро рангирана држава од регионот е Србија, која е на 38-то место, Хрватска е на 59-то, Босна и Херцеговина на 62-то место и Црна Гора на 69 место. По родова еднаквост води, Исланд, која е на првото место веќе десет години.
Разликите во платите меѓу жените и мажите во Бугарија се намалува трета година по ред – од 15,4 отсто во 2015 година до 13,6 проценти во 2017 година, покажуваат податоците на Евростат, внесени во Извештај за рамноправноста на жените и мажите за 2018 кој бугарската Влада го усвои на почеток на месецов.
Просечниот јаз во платите во ЕУ во 2017 година изнесува 16 проценти.
Извештајот за рамноправноста меѓу половите ги одразува и резултатите од спроведувањето на политиките за зголемување на учеството на жените на пазарот на трудот, промовирањето на еднаквоста во процесите на донесување одлуки. Меѓу приоритетните области во документот се и борбата со насилството засновано на биолошкиот пол и промената на општествените стереотипи кон жените и мажите.
Во извештајот за Бугарија се наведува дека во 2018 година, просечниот број на невработени лица на возраст 15-64 години е 170 800 луѓе. Од нив 100.200 се мажи, а 70.600 се жени, што е за 33.400 помалку од 2017 година. Бројот на невработени жени е намален за 21.000.
Инаку, разликите во платите се највисоки во Чешка и Словачка, каде што просечната плата за мажи е 28 до 30 отсто повисока од платите на жените, а најмалата во Хрватска и Словенија – во просек 10-11 проценти во корист на мажите.
Ирена Радовановиќ