Провокацијата на бугарскиот премиер Борисов, кој Пенадаровски го нарече северномакедонски претседател, не помине незабележано и предизвика низа реакции. Изјавата на Борисов Заев ја оцени како спротивна на Договорот од Преспа, според кој, а што е децидно наведено и во упатството на МНР, како придавка се користи македонски, а не северномакедонски кога се зборува за јазикот, нацијата и културата.
Тоа на Борисов, секако, треба да му е добро познато и токму затоа за македонскиот државен врв е несфатливо дека премиерот на соседна Бугарија сè уште не расчистил со дилемите околу ова прашање. Доколку, се разбира, евентуално ги има.
Во секој случај, по нешто повеќе од една година се чини дека договореното име Северна Македонија речиси молскавично се етаблира во Европа и пошироко во светски рамки. За разлика од претходното привремено име – и акронимот ПЈРМ или ФИРОМ – од 23-годишната Времена спогодба, Северна Македонија мошне брзо го најде своето место во меѓународната комуникација.
Долго време во западниот печат се пишуваше главно Македонија, но мошне често со задолжително додавање на посебна рамка на крајот на написот во која се објаснуваше заднината на споменатиот акроним во контекстот на историските факти поврзани со македонско-грчкиот спор околу името. Во таасмисла неретко се случуваше во сите тие написи во изминатите две децении да се потенцира ирационалноста на самиот спор.
Но по потпишувањето на Преспанскиот договор и неговата ратификација во парламентите на двете земји, чин што беше поздравен како позитивен исчекор во однос на решавањето на закоравени конфликтни геополитички состојби, светските медиуми во релативно краток период чувствува потреба да посочат дека земјата која „донеодмна се викала Македонија“, го сменила името во Северна Македонија. Набрзо потоа новото име стана општоприфатена реалност, и мошне брзо се почувствува олеснување со тоа што споменатите трапави акроними најпосле можеа да бидат исфрлени од употреба.
На повидок беше едно јасно решение со прилично искристализиран пристап за негова употреба. Но напоредно на тоа беше укажано, како, на пример, од страна на шведскиот Институт за јазик и народна меморија, една од најзначајните шведски институции во областа на грижата за јазикот и јазичната политика, дека нејаснотии веројатно ќе се јават во однос на придавката и ознаката за националност. Како што беше забележано од страна на овој институт, би можело да се очекува скандинавските медиуми, без посуштинско и попрецизно познавање на одредбите во Договорот за името, да ги употребуваат слеаните ознаки – nordmakedonsk (северномакедонски/-ска) и nordmakedonier (Северни Македонци).
Тоа секако може да внесе забуни и недоразбирања, доколку некритички се применува таква јазична практика на користење на термини, именки и придавки, при медиумски известувања поврзани со новото име што произлезе од Преспанскиот договор.
Но бројни се примерите кои укажуваат токму на таков развој, дури и кај највлијателните медиуми. „Свенска дагбладет“ деновиве наведе дека во разговорите во кои руските комичари го наседнале Заев, меѓу другото станало збор и за статусот на „Северномакедонската православна црква“. Често се известува со користење токму на придавките, за активностите на „северномакедонскиот “премиер или министри, или, на пример, се пишува за „северномакедонскиот ветеран Пандев“, за „северномакедонските медиуми“. Голем број туристички агенцији во Данска, Норвешка и Шведска нудат аранжамни со посети на „северномакедонски винарии“, викенд-тури за Скопје и разгледување на спомениците и музеите со „сцени од северномакедонската историја“, а неодамна се пишуваше и за прекрасната „северномакедонска балада“ на Евровизијата.
Не е ретка ниту појавата на повеќе веб-страници на разни организации и институции, кои на граѓаните, или на своите членови, им нудат услуги во превод на разни јазици, да се понуди и превод на „северноакедонски јазик“. Благајната за осигурување во случај на невработеност, приклучена кон еден од најголемите шведски синдикати на работниците во градежништвото, од пред извесно време им нуди информации на своите членови и „северномакдонски јазик“, а како уште еден од многуте примери е дека „северонмакедонски“ меже да се селектира како алтернатива и меѓу четиринаесетте јазици и на страницата на Шведскиот синдикат за услуги и комуникации.
Поаѓајаќи од овие примери, а и низа други кои овде не би можеле да ги наброиме, несоменено се отвора голем простор за македонската дипломатија да го покаже својот капацитет, кој, за жал, веќе подолго време е изложен на силни влијаниа од раширената партизираност во општетсвото, и да даде свој придонес во читањето и толкувањето на термините и идентитетските одрединци и нивната соодветна имплементација во секојдневниот вокабулар на странските медиуми, со кој директно и ефикасно се комуницира со пошироката јавност. Тоа несомнено би можело да биде и предизвик за дејствување за дијаспората, доколку успее да ги запре, или барем ублажи, деструктивните тенденции на свесно подбуцнување на поделбите на предавници и патриоти меѓу иселениците, чиј интензитет исто така веќе подолго време се зголемува со вртоглава брзина.
Упаството на МНР за користење на придавката македонски, а не северномакедонски, не му е потребно на Бојко Борисов, бидејќи тој секако знае да направи разлика во тој контекст, се разбира доколку сака и доколку државнички одговорно се однесува, но прашање е дали тоа упатство би било доволно како ефикасна алатка за интервенции во однос на некритичката примена на идентетските одредници во меѓународни рамки, за кои се смета дека произлегуваат како изведeнки од одредбите на Преспанскиот договор.
Името Северна Македонија во пошироката светска јавност очигледно е тука за да остане, продолжувајќи со несмалена брзина да се етаблира, зацврснува и – афирмира.
Но се чини дека е неопходна многу посеопфатна и подинамична акција, дипломатска и секаква друга, доколку напоредно се сака и меѓу придавките македонски и северномакедонски во иднина да зцврснува сè појасна формална, лингвистичка и пред сè – суштинска дистинкција.