Милевски и Аврамова доделија договори за 17 проекти за прекугранична соработка

Вкупната вредност на проектите е седум милиони евра од кои 85 отсто се обезбедени од ИПА инструментот на Европската Унија, а 15 отсто од Буџетот на државата преку Министерството за локална самоуправа.

135

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски заедно со министерката за регионален развој и урбанизам на Бугарија, Петја Аврамова вчера во Софија ги доделија договорите за финансирање 17 нови проекти од програмата за прекугранична соработка.

Вкупната вредност на проектите е седум милиони евра од кои 85 отсто се обезбедени од ИПА инструментот на Европската Унија, а 15 отсто од Буџетот на државата преку Министерството за локална самоуправа.

Проектите се имплементираат во три области. Три проекти се во областа на конкурентноста, осум за развој на туризмот, а шест проекти за заштита на животната средина. Проектите ќе се имплементиираат со партнери од двете страни на границата, а нивната вредност се движи од 120 илјади до 590 илјади евра по проект, соопшти Министерството за локална самоуправа.

Министерот Милевски им честиташе на носителите на проекти и им посака успешна имплементација.

– Соработката во регионот, градењето на добрососедски односи, зближување на луѓето и нивно вмрежување, како и подобрување на квалитетот на живеење во пограничниот регион се огромни придобивки, уште повеќе што во целиот процес се вклучени на голем број на субјекти и луѓе од двете страни на границата. Владата останува посветена на процесот на интегрирање на земјата во Европската Унија, а тоа значи градење на европски вредности и стандарди и во тој контекст ни е исклучително важна прекуграничната соработка со сите наши соседи – рече министерот Милевски.

Министерката Аврамова истакна дека настанот е од исклучителна важност за постигнување на крајната цел на програмата, затоа што средствата се доделуваат на најквалитетните проекти во интерес на граѓаните од регионот.

– Секој реализиран проект придонесува за постигнување на планираните резултати – рече Аврамова.

На церемонијата присуствуваа носителите на проекти од двете земји и тоа од Центарот за развој на Источниот плански регион – Штип, Фондацијата за конкурентност за развој на мали и средни претпријатија од Струмица, Асоцијацијата за туризам од Струмица, општините Струмица, Дојран, Куманово и Конче.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...