Концептот на прибирање пари од поголем број инвеститори за финансирање на компаниите (краудфандинг) кој за македонските компании е достапен преку Македонска берза денеска беше претставен на компаниите членки на Сојузот на стопански комори. На презентацијата беше потпишан i меморандум за соработка меѓу Берзата и Сојузот.
Платформата, како што беше речено на презентацијата, овозможува поврзување со 200.000 приватни компании и 17.000 инвеститори.
– Преку оваа платформа македонските стартапи, но и малите и средни претпријатија, добиваат можност за пазарно финансирање, локално и глобално, во зависност од нивната иновативност и конкурентност, а домашните инвеститори прилика да вложат во бизнис проекти во кои ќе препознаат добар потенцијал – рече директорот на Македонска берза Иван Штериев.
Габирела Кулебанова, потпретседател на Сојузот рече дека е потребно подигање на свеста кај компаниите за различните модели на финансирање.
– Токму затоа, Сојузот на комори сака да ги направи подостапни сите можности кои се нудат за влез на средства во домашните компании, со долгорочна цел – градење на силен национален приватен сектор. Неопходно е нашата земја да биде во чекор со глобалните финансиски текови и средствата кои се вложуваат во компаниите и во нивниот развој да бидат достапни и за македонските компании – рече Кулебанова.
Интернет платформата Фандербим функционира преку принципот на креирање кампањи за собирање средства, таканаречени – краудфандинг.
Македонија преку Македонска берза е прва земја од регионот на Западен Балкан, која ќе има пристап до интернет платформата Фандербим, за финансирање која функционира преку принципот на креирање кампањи за собирање средства, таканаречени – краудфандинг.