Народната банка очекува солиден раст на економијата

Комитетот оценува дека економските фундаменти и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата.

106

Солиден раст на економијата годинава кој се темели на поволните движења во  економијата видливи преку забрзаниот раст на трговијата и натамошниот раст на индустријата и извозот, очекува Народната банка.

Комитетот за оперативна монетарна политика на Банката ова го оценил вчера откако ги разгледал клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари.

Комитетот оценил дека економските фундаменти и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата.

„Отсуството на нерамнотежи е видливо преку ниската и стабилна инфлација и поволната надворешна позиција, контекст којшто придонесува за поволни движења на девизниот пазар и интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата упатува на стабилни очекувања и поволни согледувања“, соопшти Народна банка.

Во првата половина од годината остварена е просечна годишна стапка на инфлација од  1,2%, а се очекуваше стапка од 1,5% за целата 2019 година.

„Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за оваа година засега се оценуваат како урамнотежени“, велат од НБ.

Резултатите од надворешнотрговската размена за април-мај, според оценката на Банката, укажуваат на можност за остварување на нешто повисок трговски дефицит од очекуваниот за второто тримесечје.

Комитетот оценува дека заклучно со втората декада на јуни се остварени нето-приливи од приватни трансфери на ниво на очекувањата за вториот квартал од годинава.

Девизните резерви на крајот на јуни се повисоки во однос на крајот на 2018 година, при што сите показатели за нивната адекватност и натаму се во сигурната зона.

Во однос на монетарните движења, првичните податоци за јуни покажуваат месечен раст на вкупните депозити во банките, којшто речиси подеднакво е резултат на зголемувањето на депозитите на сите сектори (домаќинства, претпријатија и останати сектори).

На кредитниот пазар, во јуни, продолжи месечниот раст на кредитите, главно насочени кон секторот „домаќинства“, при раст и на кредитирањето на корпоративниот сектор. Поместувањата кај депозитите и кредитите не покажуваат поголеми отстапувања во однос на очекуваното според најновите макроекономски проекции.

Комитетот констатира и нагорен тренд на ликвидноста на банките поради што тие имаа умерена потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити. 

Во јуни, според Народната банка, се интензивира нето-продажбата за девизи како резултат зголемената побарувачка од страна на домашните компании, поврзана со редовното работење, но и заради отплати на дивиденди кон странските инвеститори.

„Банките во целост ја задоволија повисоката побарувачка од сопствени средства, при што вишокот девизна ликвидност којашто произлегуваше од повисокото кредитирање со валутна клаузула и флексибилното управување со девизните средства и обврски го насочија на меѓубанкарскиот девизен пазар“ констатира Народната банка.

Во такви околности, во јуни, Народната банка откупи 19 милиони евра од банките поддржувачки, со што и овој месец централната банка беше присутна на девизниот пазар само со откуп на девизи. Интервенциите на девизниот пазар продолжија и на почетокот на јули, при што збирно од почеток на годината до 9 јули, Народната банка откупи 102 милиона евра.

На меѓународен план, според оценката на Комитетот,  има позитивни знаци за намалување на неизвесноста поврзана со глобалните трговски односи, откако состанокот на Г-20 кон крајот на јуни, САД и Кина постигнаа договор за продолжување на преговорите за трговските односи меѓу двете земји.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...