Весникот „Гардијан“ забележува дека се продлабочува кризата во односите меѓу Велика Британија и САД по вчерашните напади преку Твитер на американскиот претседател Доналд Трамп врз британскиот премиер Тереза Меј и британскиот амбасадор во Вашингтон, Ким Дарок.
Британскиот дневен весник коментира дека трансатлантските тензии, предизвикани од протечените дипломатски депеши со критики на Дарок кон Трамп, прераснаа во дипломатска криза.
Весникот пишува дека скандалот уште повеќе се заострил откако на синоќешната телевизиска дебата меѓу претендентите за лидер на Конзервативната парија и следен премиер на Велика Британија, Борис Џонсон и Џереми Хант, вториот јазикот на американскиот претседател го оцени како „непочитуван и неправилен“.
Самиот Хант изјави дека доколку стане британски премиер ќе го остави Дарок за амбасадор, додека Џонсон беше повоздржан во своите критики кон Трамп, кажувајќи дека добрите односи со САД се исклучително важни за земјата и одби да прецизира дали ќе го поддржи амбасадорот доколку победи во трката за партиски лидер и иден премиер.
САД соопштија дека преговорите за трговските односи со Велика Британија во врска со Брегзит се откажуваат на одгласите за растечкиот гнев околу протечените британски дипломатски документи за Трамп, пишува весникот „Индипендент“.
Весникот дополнува дека вчерашните напади на Трамп кон Меј и Дарок не предизвикаа кој знае каков одговор од „Даунинг стрит“.
Весникот „Фајненшел тајмс“ коментира дека Твитер дипломатијата и протекувањето на информации под прашање го ставаат сојузот меѓу двете држави.
Британскиот дневен весник забележува дека премиерката Меј го поддржала амбасадорот Дарок, но дополнува дека не се јавни долгорочните последици од критиките кон администрацијата на Трамп.
Протекувањето на информациите за дипломатската кореспонденција во доста непријатна состојба ги стави не само Дарок и Меј, туку и британското Министерство на надворешни работи, забележува весникот „Вашингтон пост“.
Американскиот дневен весник коментира дека овие протечени стенограми се чини ја поткопуваат интензивната британска кампања за придобивање на Трамп, кој при својата државна посета на остоворот минатиот мсец беше на прием кај кралица Елизабета Втора, пиеше чај со принцот Чарлс, и зеде учество во одбележувањето на годишнината од Десантот на Нормандија.
Останува нејасно до каде ќе оди владата на Трамп во заладувањето на своите односи со британскиот амбасадор и дали неговиот мандат во Вашингтон ќе заврши предвреме.
Вчерашната изјава на портпаролката на Стејт департментот зборува за тоа дека Дарок ќе остане во Вашингтон се додека Лондон не одлучи да го отповика. Евентуалното протерување на британскиот амбасадор од САД би било драстична и историска мерка со оглед на природата на „специјалните односи“ меѓу двете земји, коментира „Вашингтон пост“.
Американско-британските односи звучат повеќе избувливи, отколку „специјални“, пишува весникот „Њујорк тајмс“.
Американскиот весник коментира дека острите зборови на Трамп за британскиот амбасадор и премиер многумина натера да се запрашаат на каква помош може да смета Велика Британија по Брегзит од својот долгогодишен сојузник.
Весникот „Волстрит џорнал“ коментира дека вчерашните напади претставуваат предизвик за следниот британски лидер.
Американскиот весник забележува дека сега специјалните односи меѓу САД и Велика Британија се водат преку Твитер и не одат во добар правец.
Весникот „Дејли телеграф“ во својата анализа оценува дека Тереза Меј не е успеала да го придобие Доналд Трамп на страната на Велика Британија и дека во име на американско-британските односи следниот премиер треба тоа да го направи. Горчливата реалност е дека при владеењето на Меј реномето на Велика Британија во Белата куќа забелжливо со влоши, пишува британскиот дневен весник.
ФОТО: EPA / STEFAN ROUSSEAU / POOL