Идните активности поврзани со воспоставувањето регионални центри за средно стручно образование и обука – СОО кои ќе овозможат квалификација и преквалификација на сите заинтересирани согласно потребите на пазарот на трудот, се тема на денешната дебата организирана во соработка со Европската фондација за обука – ЕТФ и Делегацијата на ЕУ.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми истакна дека Средното стручно образование и обука е приоритет негов како министер и на Владата и се фокусирани на негова што поголема промоција и афирмација со конкретни мерки и политики.
– Проектот е поддржан со средства од ИПА 2 програмата за 2019 година, а веќе е планирана и одредена сума во буџетот за започнување на постапката. Според утврдената динамика ќе ги преземеме сите активности и мерки се со цел воспоставување на овие центри во три региони и тоа во североисточниот, југозападниот и полошкиот регион. Придобивките ќе бидат големи и се во рамки на нашите активности за промовирање на средното стручно образование, но и обуката – рече Адеми.
Според Џулијан Стенли од ЕТФ, со проектот се поддржува работата на МОН во развојот на регионалните центри за СОО.
– Ние гледаме на овие регионални центри за СОО како мошне важна можност да се унапреди квалитетот на образованието во средните стручни училишта во регионите, но и да се стигне до работодавачите и да се осигура дека тие ќе добијат средношколци со вештини кои ќе одговорат на нивните потреби. Ова е можност и средните стручни училишта да соработуваат наместо да си конкурираат со што ќе се овозможи подобра искористеност на ресурсите и ќе се одговори на потребите на средношколците и на индустријата во трите региони – рече Стенли.
Проектот за отворање регионални центри за СОО е дел од реформите за модернизација на средното стручно образование, а Европската фондација за обука, која е Агенција на ЕУ, во проектот е вклучена една година.