Изразуваме задоволство од тврдењето на раководството на МЕПСО дека „не постои опасност да пропадне проектот за електроенергетско поврзување на Македонија со Албанија (со изградба на нов 400-киловолтен далекувод и изградба на нова трафостаница кај Охрид)“ и дека „напротив, се интензивира и двата тендери ќе бидат објавени овој месец“.
Но, истовремено оставаме и сериозна резерва дали е тоа баш така. Додека не ги видиме првите резултати на теренот. Бланко доверба, со еден напишан „демант“, нема за никого! Дај боже да нема опасност, но дали е така, допрва ќе видиме.
„Демантот“ на МЕПСО на текстот на Плусинфо под наслов „Поради кавги во МЕПСО, може да пропадне инвестиција вредна 48 милиони евра, за која парите одамна се обезбедени!“, за жал, не содржи уверливи уверливи деманти на наводите од нашето истражување. Ниту држи оценката во „демантот“ дека во текстот на Плусинфо биле изнесени „груби дезинформации и невистини со кои се прави обид да се наруши угледот на генералниот директор на МЕПСО, мноштво компетентни професионалци вработени во компанијата, а воедно и угледот на самата компанија столб на националниот електроенергетскиот систем“.
Полека, полека… Многу големи зборови, а малку вистински демантирани факти.
Дали е демантран фактот дека парите за оваа капитална инвестиција – 12 милиони евра грант и 36 милиони евра заем се обезбедени уште во 2015 година? Не.
Знае ли раководството на МЕПСО која година сме сега? Знае ли дека работите на интерконекцијата од албанска страна одамна се завршени?
Дали е демантирањето тврдењето во текстот на Плусинфо дека договорот за заемот истекува во декември оваа година, а до овој момент нема ништо ни од трафостаницата ни од далноводот? Не.
Дали е точно дека проектот доцни најмалку две години? Точно е.
Во демантт се вели дека договорите за овие капитални објекти се очекува да бидат склучени оваа есен и така ќе се зголемел интензитетот на активностите по заемот, а со тоа и повлекувањето на средствата од кредитната линија. Ајде да видиме дали ќе биде така. Камо среќа. Но дури и да биде така, има ли одговор на прашањето – што се чекало повеќе од две години?
МЕПСО вели дека биле „паушални“ изнесените наводи во текстот на Плусинфо дека проектот нема градежна дозвола. „Појаснуваме – вели МЕПСО – дека процесот за добивање одобрение за градба тече независно и не е поврзан со објавувањето на тендерите“. Што појаснува МЕПСО? Што е „паушално“ во текстот на Плусинфо? Има или нема градежна дозвола, тоа е прашањето. Нема, бре! Ако има, повелете, покажете ја сите да ја видиме!
И каков е тој проект без градежна дозвола? Може ли некој тоа да го објасни?
АД МЕПСО вели дека „процесите беа закочени од страна на претходното раководство и претходните проектни тимови, а заради неквалитетно завршени проектни задачи наследивме и многу отворени прашања“. И тоа ли е „демант“?! Па имено за тие проблематични нешта во проектот говори написот на Плусинфо. Зошто МЕПСО не демантираше некој од наводите на нашиот напис за тие слабости на проектот? Или најважно е да се брани директорот?
Да, можеби е апсурден наводот во кој, како што тврди МЕПСО, „се прејудицира дека се избрани фирми на тендери кои не се ниту распишани“. Ама, кој ве научи вака да подметнувате? Не, Плусинфо ништо не прејудицира, туку сведочи за кавги во МЕПСО околу прашањето на спојување на тендерите и за шпекулации во МЕПСО дека директорот Василевски го турка тој концепт со таква (лоша) намера. Во ова јавно претпријатие две години се води жестока кавга за ова прашање. Тоа е факт што не може да се демантира. Не тврдиме дека за тоа е виновен само Василевски, но сигурно не е виновна редакцијата на Плусинфо.
МЕПСО демантира дека бил вршен притисок за спојување на двата тендера во еден. „Напротив, менаџментот има обврска да ги разгледа сите опции“, се вели во „демантот“. Плусинфо има уверливи информации дека директорот Василевски ја форсирал опцијата за спојување на тендерите, што и не би било страшно ако навистина сите опции биле отворени. Биле или не биле?
Нашите извори, со полна доверба кон владата на Зоран Заев, сметаат дека таа треба да се јави како независен арбитер за ова прашање. И затоа не е многу паметно тоа што на релација МЕПСО – Влада се водела некаква „истрага“ за тоа кој го „нарачал“ текстот на Плусинфо. Никој бре не го нарачал! Можевме да пишувавме, можевме и да одмолчиме. Ама времето наложува за ова да се пишува, како не сфаќате? На шест месеци сме пред истекот на рокот. А нашите извори, со полна доверба кон Заев и кон неговите економски министри, очекуваат токму тие да се заложат за најдобрата опција, за работите конечно да мрднат од мртва точка.
Дали тоа веќе се случило? „Веќе одбравме конзорциум од реномирани странски консултанти со кои се ревидираат тендерските документации и сега се вршат последните подготовки пред објавување на два тендери“, се вели во „демантот“ на МЕПСО. Ако добро разбираме, зборот „тендери“ е во множина. Се оди ли сепак на распишување два тендери? Ако е така, како што се вели во реакцијата на МЕПСО, тогаш тоа не само што е „демант“, туку е директна потврда на она за што пишува Плусинфо.
„МЕПСО преку Министерството за транспорт и врски, како негов единствен акционер, редовно ја информира Владата за сите тековни активности кои се врзани со овој проект од државно значење“, се вели во „демантот“. Е арно де, немаме против, ама не е лошо и јавноста да биде информирана, бидејќи заемот се враќа со народни пари, а не со пари на директорот, на министрите и на вработените во МЕПСО и во Владата.
Редакцијата на Плусинфо нема никакви намери да иницира „клевета и злоба“, како што се тврди во „демантот“, кон директорот Василевски, кон МЕПСО или кон Владата. Ништо не ни значи господинот Василевски. Денес тој е директор, утре друг ќе биде. Не се занимаваме со директорот, туку со капиталната инвестиција. Голема пара е во прашање и голема и значајна инвестиција.
Уште еднаш укажуваме дека нашите извори се надеваат токму Владата на Зоран Заев да ги забрза активностите околу оваа работа. Може МЕПСО да пишува деманти колку што сака, но сѐ додека со свои очи не видиме дека на теренот нешто се работи, додека не стаса првиот дел од опремата за трафостаницата, додека не никне првиот далновод, нема бегање од жалната вистина дека овој проект доцни предолго.
А тоа не е во духот на одговорното работење на јавното претпријатие во интерес на граѓаните на нашата земја и не е во духот на доброто владеење воопшто.
Редакција на Плусинфо