Себични институции го спречуваат донесувањето на Законот за урбанизам и ги кочат градежните активности

Здружението на градежници при Стопанската комора, очекува растот на градежните активности почнат во првото тримесечје да продолжи до крајот на годината посебно во нискоградбата каде што главно инвестира државата.

507

Министерството за транспорт и врски да истрае и да не дозволи промени во текстот на новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање, оти секоја измена ќе го наруши целосниот изглед и рамнотежата која е постигната за време на неговата подготовка, бараат од Здружението за градежништво при Стопанската комора.

– Институциите и партиите себично и еднострано го гледаат текстот на законот. Тие не реагираа кога се подготвуваше текстот на законот и кога имаа можност да дадат забелешки, а сега преку амандмани сакаат да менуваат делови со што, мислам, дека ќе се наруши рамнотежата која е постигната со новиот закон. Дополнително се одолговлекува неговото донесување и влијае на забавување на градежната активност – изјави Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на денешната прес-конференција.

Серафимовски информира дека градежниците биле активно вклучени во подготовката на законот и биле прифатени 25 отсто од нивните забелешки.

Градежниците, исто така, бараат побрзо да завршат мораториумите во општините Центар и Карпош и да се забрза постапката за издавање на градежни дозволи во општина Аеродром за да се овозможи компаниите да почнат инвестициски циклус во високоградбата каде што, како што рече Серафимовски, има пад на активностите.

– Постапката за ревизија на деталните урбанистички планови под мораториум оди бавно и тоа влијае директно на можноста компаниите да започнат инвестициски циклус. Дополнително сѐ уште не е донесен законот за градба што влијае на издавањето на дозволи, а законот за јавни набавки не се почитува во однос на отфрлање на најниската цена како критериум – вели Серефимовски.

Според него, мораториумите за градење ги изместиле и вредностите за цената на становите.

– Доколку немаше мораториум наша прогноза беше  дека цените на добрите станови секаде ќе се зголемеа на лошите станови без оглед каде се наоѓаа. Сепак со мораториумите за градба особено за становите во Скопје се изместија вредностите. Не знаеме што да очекуваме, ќе имаме прогноза кога ќе завршат мораториумите – рече Серафимовски.

Според Регистарот на цени и закупнини, во првиот квартал се продени 687 станови, непродадени се 5.340 станови, а во тек е градба на 11.322 објекти.

– Бројот на празни станови, кој се движи меѓу 5.000 и 6.000, е непроменет во последните пет години, а варира кај новоизградените кои, потенцираше Серафимовски, се  продаваат секогаш и се бара стан повеќе – вели Серафимовски.

Здружението на градежници при Стопанската комора, очекува растот на градежните активности почнат во првото тримесечје да продолжи до крајот на годината посебно во нискоградбата каде што главно инвестира државата.

– Интензивирани се реконструкциите рехабилитациите на патиштата, а веќе се надминати проблемите за изградба на патот Кичево-Охрид и се очекува интензивирање. Сето тоа добро ќе влијае на градежништвото. Очекуваме до крајот на годината на инфраструктурата да се инвестираат 14,27 милијарди денари – вели Серафимовски.

Градежниците, според него сметаат дека лошата реализација од 2018 година останала зад нив. Годинава е забележен раст не само кај градежните активности, туку и во однос на бројот на вработени од 7,41 отсто и раст на платите од 6,5 отсто.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...