Од половина до 4 евра повисоки цени во Грција поради данокот на престој

653

Од половина евро до четири евра, во зависност од видот на сместувањето, ќе бидат повисоки цените во Грција во изнајмените апартмани и хотелите, поради новиот данок на престој што стапи во сила на почетокот на годинава.

Претседателот на грчката федерација на хотелиери и претседател на Сојуз на хотелиери од Халкидики, Григорис Тасиос, за МИА објаснува дека оваа туристичка такса се однесува на соба, а не по лице и затоа се вика данок на престој, а не данок на ноќевање.

– Данокот на престој е на товар на туристите со нивното пристигнување. Се однесува и на хотелите и на изнајмените апартмани и соби. Висината е во зависност од категоријата. Половина евро за изнајмените соби и апартмани и за хотелите од 1 и 2 ѕвезди, 1.5 евра на ден во хотелите со 3 ѕвезди, 3 евра за 4 ѕвезди и 4 евра во хотелите со 5 ѕвезди – објаснува Тасисос за МИА.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, туристичката такса, односно данокот на престој, беше изгласан на 22 мај 2016 заедно со други мерки во висина од 1.8 милијарди евра кои беа дел од обврските на Атина кон кредиторите, а одлуката беше да стапи во сила на 1 јануари 2018.

Тој данок, се очекува дополнително да ја наполни грчката каса.

Македонските туристи кои планираат викендите или пак летните одмори да ги поминат во Грција, ќе треба да ги земат предвид и патарините кај јужниот сосед.

Засега, за Халкидики и Солун, постои само една патарина, веднаш по преминувањето на границата на грчка страна, во висина од 1.80 евра.

Во однос на информацијата што минатата седмица ја објавија дел од македонските медиуми за наводна еколошка такса и еколошки данок на Халкидики што ќе се наплаќа во текот на летниот период, станува збор за лажна вест, т.е. првоаприлска шега на српските медиуми.

За патувањето со автомобил до Атина, туристите ќе треба да одвојат околу 37 евра за патарини, само во еден правец.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...