Земјоделците здружени во задруги со големи обработливи површини и повеќе добиток, гарантираат усогласен квалитет на пазарот, но и поголема конкурентност и пробивање на македонските производи на странските пазари. Кога се здружени, можат полесно да реализираат крупни инвестиции, да конкурираат за мерките од националните и ИПАРД програмата, полесно да набават земјоделска механизација и да имаат помали трошоци, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, кој заедно со директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски присуствуваше на Денови на млекото и кооперативното здружување во Битола.
Министерот Димковски во своето обраќање истакна дека млекопроизводството како еден од поважните сегменти во агроиндустријата, зазема важно место и во креирањето на политиките за развој на земјоделството. И во оваа гранка, додаде, здружувањето на фармерите во задруги е важно за да се постигне одржливост на млекопроизводството и подобрување на рентабилноста на сточарството.
– При подготовката на мерките за овој сектор, посебно внимание посветуваме на примарното производство, подобрување на квалитетот на суровото млеко и поттикнување на млечната индустрија. Здружувањето на фармерите во земјоделски задруги е еден од начините да го направиме млекопроизводство одржливо, пласманот сигурен затоа што здружени земјоделците успешено се справуваат со потенцијалните проблеми при пласманот – рече министерот.
Директорот на Платежната агенција Бабовски ги презентираше мерките од националните и од ИПАРД 2 Програмата за развој на млекопроизводството.
– Од исклучително значење за развојот на оваа гранка е ефикасната искористеност на мерките што ги нуди европската ИПАРД 2 програма, како што се оние за инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства и во преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, а овозможуваат кофинансирање на трошоците за инвестиции во изградба или реконструкција на фарми за добиток, објекти за добиточна храна, складишта за храна, опрема за земјоделство, инвестиции во преработувачки капацитети како што е изградба на млекарници. Овие две мерки значително ќе придонесат во создавањето одржливо и конкурентно млекопроизводство – потенцира Бабовски.
На манифестацијата присуствуваа фармери и претставници од млечната индустрија кои ги промовираа своите производи, како и градоначалниците на Битола, Могила и Новaци.