Фестивалот за современа музика МОДОАРС го најавува екслузивниот уметнички настан „Акустик електроникс“. Во четврток во клубот „Станица 26“ во 22 часот ќе се одржи концерт на Ема Попивода – пијано и Александар Петров – тапан со композиции на теми од познати електронски хитови низ историјата на електронската музика.
Acoustic electronics е оригинален музички перформанс во кој најпознатите епски електронски хитови се обработени и се изведуваат на пијано и тапан. Во потрага по нова експериментална музика, пијанистката Ема Попивода ги искористи темите на одбрани електронски песни од различен временски период, кои се подредени во еден вид историјат на електронската музика, за да реверзибилно ги обработи во класичен пијанистички стил. Во придружба на Александар Петров и моќниот звук на тапанот, кој во целост ја дополнува атмосферата, електронската музика експериментално се изведува на акустични инструменти во класичен стил.
Инспирирани од современата музика, во стилот на класичните композитори, на акустични инструменти, во сосема нова возбудлива атмосфера се појавуваат песни на Orbital, Kraftwerk, New Order, Bronski beat, Frankie Knuckles, David Morales, Moby, Layo & Bushwaka, Future sound of London, DЈ Rolando, David Morales, Derrick May…
Уметничките визуелизации кои ќе се прикажуваат на екранот за време на концертот ги изработија Давор Попивода и Милан Тоциновски.