Охрид првпат ќе добие алтернативно културно лето. Идејата на организаторите, НАТГ „Аматер“ и Супер радио, е да се подигне културата во летниот период, кога градот е најпосетен. Свеченото отворање е вечерва со поетската вечер „Имам нешто да ти кажам“ и акустичен настап на бендовите „Кукузел“, „Броз“ и „High4“.
Како што информираат НАТГ „Аматер“ и Супер радио, гостите од земјава и од странство, но и охриѓани ќе имаат можност да уживаат во квалитетна програма, но и да видат какви млади и креативни луѓе има во овој град.
„Целата идеја дојде од помислата да се подигне културната свест кај граѓаните и да има што повеќе интеракција со туристите кои престојуваат во јули и август во Охрид, затоа и овој проект го нарековме „Културолошка иницијатива 5 до 12“. Подготвена е разновидна и богата програма, во која се вклучуваат многу луѓе од урбаниот живот во Охрид, млади и креативни луѓе кои сликаат, фотографираат, танцуваат, глумат, играат, свират итн. Секоја недела имаме подготвено барем по еден настан, почнувајќи од денеска, кога е и свеченото отворање на манифестацијата“, соопштуваат организаторите.
НАТГ „Аматер“ зад себе ги има претставите: „Сите мои синови“, „Генетика на кучињата“, „Буре барут“, „Ти во седум бои“, седум години со ред учествуваат на Поетската ноќ во Велестово и на други настани. Имаат учества на фестивали и награди на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани. Супер радио, пак, бележи 27 години успешна работа и е популарна локална радиостаница.