Изложба на фотографии од „Викиекспедиции“

117

Триесет и две најдобри фотографии направени во досегашните истражувања од проектот „Викиекспедиции“ на Википедија на македонски јазик ќе бидат претставени на изложба „Во допир со Македонија“ во Центарот за иновации и дизајн „Јавна соба“ од 11-ти до 15 април.

Со изложбата ќе бидат одбележани три години од успешното спроведување на проектот „Викиекспедиции“, кој опфаќа теренски истражувања и посети на различни области на Македонија. Нивната цел е да помогнат во подобрување на постојните и создавање нови статии за градовите, селата, географските области и особености во областите низ целата територија на Македонија на македонски јазик од страна на активните корисници и уредувачи.

По тригодишно истражување и посета на 17 региони на Македонија, направени се 4.302 фотографии и се уредени и создадени 266 статии на Википедија на македонски јазик за села, верски храмови, културни и природни знаменитости.

Посетителите ќе видат фотографии и ќе бидат информирани за достигнувањата на проектот, неговото значење и значењето на слободната енциклопедија Википедија и проектите на Викимедија кои, како што истакнуваат организаторите, во современото дигитализирано живеење ја нудат можноста да сме во допир со она што ја претставува и сочинува Македонија.

Изложбата се совпаѓа со почетокот на четвртата сезона на викиекспедициите. На нејзиното отворање в среда од 20 часот ќе има и краток осврт од членовите вклучени во теренските истражувања.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...