Србија очекува брзата пруга од Будимпешта да продолжи до Солун

Ќе разговараме со Северна Македонија и со Грција за да видиме да се приклучуваат кон овој коридор, бидејќи не е доволно да имаме само модернизирана пруга со која ќе се вози со 200 километри на час од Белград до Будимпешта, ако тоа го немаме низ целата делница, бидејќи овој проект е дел од проектот „Еден појас, еден пат“, изјави српската министерка за транспорт Михајловиќ.

89

Српската министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура Зорана Михајловиќ најави дека на утрешниот трилатерален состанок на Србија, Унгарија и Кина ќе се разговара за изградбата на брзата пруга Белград – Будимпешта и дека при тоа ќе се разгледа можноста за вклучување и на Северна Македонија и Грција во овој проект.

– Ќе разговараме со Северна Македонија и со Грција за да видиме да се приклучуваат кон овој коридор, бидејќи не е доволно да имаме само модернизирана пруга со која ќе се вози со 200 километри на час од Белград до Будимпешта, ако тоа го немаме низ целата делница, бидејќи овој проект е дел од проектот „Еден појас, еден пат“- изјави Михајловиќ за Радио Телевизија Србија.

Таа додаде дека во интерес на Србија е да ги натера сите да бидат дел од овој проект.

– Се надеваме дека ќе има интерес и тоа всушност би бил вистински коридор – потенцира Михајловиќ.

Српската министерка изјави дека вредноста на оваа железничката пруга од Белград до границата со Унгарија изнесува околу две милијарди долари, а целата пруга до Будимпешта чини околу четири милијарди долари, како и дека тоа е најголемиот инфраструктурен проект во овој дел на Европа.

Михајловиќ додаде дека работите во Србија се во согласност со планот и дека „српската страна оди неколку чекори побргу“, додавајќи дека делницата Белград – Стара Пазова би можела да биде завршена до септември следната година, додека на почетокот на 2021 година би требало да заврши изградбата делницата Стара Пазова – Нови Сад, а градбата на делницата Нови Сад – Суботица ќе почне наскоро.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...